Криминалот не познава етнички граници, додека политичарите и народите на Балканот сè уште не успеваат да изградат соработка за заедничка и посигурна иднина.
Оваа порака денеска ја упати лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на панел-дискусијата организирана од Аналитичкиот центар „Абдулаким Адеми“.
Говорејќи за опасностите од дрогата и организираниот криминал, Ахмети посочи на парадоксот со кој се соочува регионот – криминалците соработуваат без оглед на етничката припадност, додека политичарите и народите не успеваат да го сторат истото.
„Дрогата не е опасност само за едни, туку за сите нас. За жал, денес криминалците соработуваат меѓусебно, без разлика на етничката припадност – нивниот криминал е мултиетнички“, истакна Ахмети.
Тој нагласи дека токму отсуството на соработка меѓу народите и нивните политички претставници претставува една од трагедиите на Балканот.
„Трагедијата е во тоа што народите и политичарите кои ги претставуваат – и Македонците, и Албанците, и Србите – не успеваат да соработуваат за да изградат мирен Балкан и посигурна иднина за сите нас“, порача Ахмети.



