Ахмети ја објави заедничката декларација која била потпишана со челниците на „Вреди“ на почетокот на годинава



Лидерот на Европскиот фронт и претседател на ДУИ, Али Ахмети на денешниот собир на претставниците и членството на коалицијата ја објави заедничката политичка декларација која заедно со лидерите на „Вреди“ ја потпишале на 13 јануари годинава, а во која тие се обврзале да соработуваат само со политички чинители кои се согласни за вметнување на Бугарите во уставот

Во полната сала во скопскиот хотел „Холидеј ин“, лидерот на Европскиот фронт, Али Ахмети се заблагодари на членството за успешните избори и за довербата која ја добиле од електоратот со кој станале втора политичка сила во земјава. Дополнително, тој ја објави заедничката политичка декларација која ја потпишале заедно со Арбен Таравари, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити на 13 јануари годинава, во која е наведено дека тие ќе соработуваат само со политичките партии кои се согласни за спроведување на уставните измени.

„Имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ“,

стои во документот кој го презентираше Ахмети.

Тој кажа дека Европскиот фронт ќе биде столб за мирот, безбедноста и стабилноста во земјава, бидејќи местото на Македонија и е во Европската унија и порача дека емоциите треба да се остават зад себе и дека е потребно да се направат напори за да се направат цврсти структури на државата со овие капацитети и затоа токму Европскиот фронт ќе биде носител на процесите на земјата за да се зачлени во унијата.

„На 13 јануари заедно со господинот Таравари го потпишав овој договор. Ние сме многу рационални и сме убедени дека повеќе од било кога треба стабилност, мир, добри односи меѓу заедниците, потребни се нула проблеми со соседите и целосно членство во Европската унија“,

порача Ахмети.

Паралелно, додека траеше средбата на Европскиот фронт, во канцелариите на „Вреди“ кај плоштадот „Скендербег“, средба остварија челниците на ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателот Христијан Мицкоски и првите луѓе на коалицијата на опозициските партии на Албанците во Македонија. Од она што е познато е дека ова е прва средба на која се разгледуваат опциите за идна соработка и формирање Влада, но по завршувањето на средбата, детали за тоа што точно се разговарало, немаше.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: