Три дена жалост беа прогласени во општина Параќин по смртта на 23-годишната Ања Радоњиќ, која по 17 дена борба им подлегна на повредите добиени при несреќата на железничката станица во Нови Сад. Таа стана 15 жртва во трагедијата со уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
На 1 ноември, таа излегувала од станицата во Нови Сад, додека разговарала на телефон со своето момче. На само неколку метри од него, пред неговите очи, настрешницата, која не била реконструирана, се срушила и ја поклопила Ања.
Со тешки повреди, внатрешно крвавење и ампутирана рака, Ања била итно префрлена во Клиничкиот центар „Војводина“, каде што ја приклучиле на дијализа. Семејството и момчето деноноќно биле покрај неа, надевајќи се на чудо.
Ања беше студентка на кинески јазик на Филолошкиот факултет во Белград, млада девојка со големи соништа и планови.