На „Танц фест“ Скопје, Интернационалниот фестивал објави дека ѕвездата на париската опера, Роксан Стојанов, ќе ја добие наградата „Менада“ за исклучителни придонеси во танцовата уметност за 2025 година. Нејзиниот ненадминлив талент и уметничка визија ја поставуваат на врвот на балетската сцена, каде е призната како ѕвезда на париската опера (Étoile de l’Opéra National de Paris). Со своето дело, Стојанов испишува нови страници во историјата на Националната опера во Париз и во Македонија, нејзината втора земја. Со големо задоволство, Бордот на Танц Фест Скопје и ја доделува наградата „Менада“ за нејзините врвни придонеси во танцот. Наградата ќе и биде врачена на 29 април на свеченото отворање на Танц Фест 2025 на сцената на Македонскиот народен театар, одбележувајќи 35 години современа танцова сцена во Македонија.
Родена во Франција во 1995 година со француско-македонско потекло, Роксан Стојанов ги започнува своите танцови чекори во Скопје на осумгодишна возраст. Понатамошното балетско образование го продолжува во Брисел и во 2007 година се запишува на Школата за танц на Париската опера. Во 2013 година станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција. Нејзиниот талент и посветеност се признати со бројни награди, а во периодот од 2015 до 2022 година Роксан напредува во хиерархијата на операта, за да во 2022 година стане главна балерина. На 28 декември 2024 година, со извонредната изведба во балетот „Пакита“ на Опера Бастилја, е прогласена за ѕвезда на париската опера, што претставува највисоко признание во хиерархијата на Париската опера. Низ својата кариера, Роксан е позната по носечките улоги во класични балети како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и во современи дела на познати кореографи. Ова признание ја потврдува нејзината извонредна уметничка сестраност и посветеност на танцовата уметност.
The post Балерината Роксан Стојанов добитничка на наградата „Менада“ за танц. appeared first on 365.mk.