Преговарачите од САД, Египет и Катар работат на склопување договор според кој Хамас ќе ослободи десетици заложници што ги држи во замена за ослободување на палестинските затвореници и шестнеделен прекин на огнот
Претседателот на САД, Џо Бајден оценува дека Израел може да ја прекине својата војна против Хамас – палестинската група прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ – во текот на месецот Рамазан, доколку се постигне договор за ослободување на неколку заложници од страна на палестинските радикали.
Рамазан почнува на 10 март и се смета за неофицијален краен рок за договор за прекин на огнот. Во овој месец муслиманските верници ширум светот постат од утро до мрак.
Бајден рече дека се надева оти договорот за прекин на огнот ќе стапи на сила следната недела.
„Доаѓа Рамазан и мора да има договор и Израелците исто така да не се вклучат во активности за време на Рамазан за да ни се даде време да ги ослободиме сите заложници“
рече Бајден за време на гостувањето на Ен-Би-Си.
Преговарачите од САД, Египет и Катар работат на склопување договор според кој Хамас ќе ослободи десетици заложници што ги држи во замена за ослободување на палестинските затвореници и шестнеделен прекин на огнот. За време на оваа привремена пауза, ќе продолжат преговорите за ослободување на преостанатите заложници.
Според египетските безбедносни извори, последниот дел од договорот за прекин на огнот вклучува и пптребна согласност за повлекување на израелските сили од северниот дел на Газа и дозвола за враќање на жителите. Истите извори додават дека разговорите ќе продолжат утре во Каиро.