Баџанак на Тошковски со минимален просек предложен за доцент – Одбиен студент на генерација?!

Баџанакот на Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Стевчо Јолакоски кој е вработен во Министерството за транспорт и врски е предложен за доцент на Факултетот за безбедност, иако на истиот конкурс биле пријавени други двајца кандидати со висок просек во полициските науки, а едниот бил избран и за најдобар студент на генерација кој магистрирал и тука и во странство.

Јолакоски нема никакво искуство во полициските и криминалистичките науки, освен што докторирал на Факултетот за безбедност.

Рецензентската комисија сепак му предложи на Наставно-научниот совет да биде избран со звање „Доцент во научната област полициски науки“.

-Имајќи ги предвид сите наведени активности, стекнатото искуство, досегашната посветеност на научно-истражувачката и стручно апликативната работа, комисијата цени дека д-р Стевчо Јолакоски поседува научни и стручни квалитети и ги исполнува сите услови да биде избран во наставно-научното звање „Доцент во научната област полициски науки“, пишува во препораката на Комисијата.

Иако еден од кандидатите поднесе приговор на рецензентскиот реферат со кој се предлага Јолакоски да биде избран, сепак сите наводи во приговорот се одбиени како неосновани.

Во приговорот што го поднел еден од кандидатите се оспорува рецензентскиот реферат кој го предлага кандидатот Стевчо Јолакоски за избор во звањето доцент.

-Сметам дека постојат сериозни пропусти и недостатоци во однос на неговото образование професионално искуство и релевантност, како и неправилности во начинот на кој е оценет. Недоволна релевантност на образованието и стручноста на кандидатот. Тој го завршил првиот циклус на студии на правниот факултет со просек 8,02 кој го задоволува законскиот минимум за избор на доцент на самата граница, како и втор циклус на истиот факултет во областа на граѓанското право со просек 8,10 на тема „Договор за закуп со откуп“ која апсолутна нема никаква поврзаност со полициските науки. На крај одбранил докторска дисертација на Факултетот за безбедност според старата програма без полагање на испити. Од неговите академски квалификации се гледа дека кандидатот Стевчо Јолаковски никогаш директно не дошол во допир со научната област полициски науки, бидејќи на ниту еден од трите циклуси на високото образование не следел, ниту полагал академски предмети кои се поврзани со областа во која треба да се избере, се вели во дел од приговорот.

Инаку, вториот кандидат завршил на Факултетот за безбедност со просек 9,85 и станал дипломиран криминалист, како најдобар студент на генерација. Вториот циклус на студии на истиот факултет ги завршил со успех 9,57 и станал магистер на науки од областа на криминалистиката и криминологијата. Студиите ги завршил со просечен успех 10 и станал доктор на науки од областа на безбедноста, пишува Слободен печат.

Пронајдете не на следниве мрежи: