Бевме разочарани од Сиљановска-Давкова, ќе следиме дали новата влада ќе го почитува Преспанскиот договор



Ќе следиме да видиме што прави владата. Во постојан дијалог сме со владата која е во тек на формирање. И затоа, тука не би прејудицирала никакви последици, но, секако, би се надевале и охрабруваме лидерите на Северна Македонија да се придржуваат до меѓународните договори – вели потсекретарката за јавна дипломатија и односи со јавноста

Потсекретарката за јавна дипломатија и односи со јавноста во американскиот Стејт департмент, Елизабет Ален, во разговор за СДК вели дека САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и дека се разочарани што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го користеше уставното име Северна Македонија при инаугурацијата. Потсекретарката Ален, која викендов беше во посета на Скопје, не сака да прејудицира што би се случило ако новата влада реши да не го почитува Преспанскиот договор.

„Се разбира, ние го поддржуваме Преспанскиот договор и бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го користи целосното и формално име Северна Македонија. Ќе следиме да видиме што прави владата. Во постојан дијалог сме со владата која е во тек на формирање. И затоа, тука не би прејудицирала никакви последици, но, секако, би се надевале и охрабруваме лидерите на Северна Македонија да придржуваат до меѓународните договори“,

порачува Ален.

Претходно и од Амбасадата на САД во земјава порачаа дека остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија.

На прашање на „360 степени“ за коментар по инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Амбасадата рекоа дека откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер ќе продолжат да ја зајакнуваат важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија.

Пораки и потсетувања за почитување на Договорот од Преспа стигнаа и од Европската Унија. Од грчка страна, пак, не стивнуваат острите реакции и предупредувања дека Северна Македонија нема да има напредок во евроинтеграциите ако новата влада не го користи уставното име на државата.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: