БЕЗ СКАФАНДЕРИ ЈА СОБИРААТ ПОСТЕЛНИНАТА ОД ЗАРАЗЕНИТЕ ПАЦИЕНТИ: Во какви услови работи техничкиот и болничкиот персонал во ГОБ „8 Септември“

Огромен револт изразија дел од вработените во ГОБ „8 Септември“ поради лошите услови за работа. Во оваа скопска болница, каде до сега се сместени најголемиот број пациенти со најтешка клиничка слика, а само до вчера беа 133, дел од одделенијата постојано се пренаменуваат за пациентите со Ковид-19.
-Во болницата се сместени и дел од медицинскиот персонал кој се зарази со вирусот. Најголемиот товар паѓа на медицинските сестри, кои тука буквално преспиваат. Хоспитализирана е главната сестра од интерното одделение, хоспитализирана е главната сестра од гастро со тешка клиничка слика. Има позитивни на корона вирусот од интензивната нега, а таму се сместени пациенти со кардиоваскуларни заболувања. Тие пациенти сега се пренесени на неврологија, секој ден нешто се менува. Навистина е општ хаос, преморени сме веќе.


Појаснуваат дека невозможна е состојбата и за оние пак кои работат во пералната. Велат дека се неадекватно заштитетни, а секодјневно доаѓаат во контакт со постелнината, навлаките од перниците, болничката облека од пациентите кои се хоспитализирани.
-Тие луѓе се борат за капи, за ракавици, за маски за дизентал. Не се соодветно заштитетни за ризикот со кој се соочуваат. Не се облечени во скафандери. И покрја тоа што на пример, на списокот за требување стои бројка од 100 скафандери, од интерната аптека на ГОБ „8 Септември“ ни даваат само 20, речено им е да штедат. Знаеме дека е криза, но ако вака се продолжи, сите вработени ќе се испозаразиме, велат нашите соговорници.


Во однос на дополнителниот кадар кој пристигна во овој скопски Ковид-центар, велат дека секоја помош е добредојдена, но проблемот е во тоа што на тие луѓе им е потребно најмалку две-до три недели да ја научат болницата, да ги научат лифтовите, да научат што каде стои.
-Се случува по грешка, а не е нивна вина, пренесувајќи заразен пациент да се симнат на погрешен кат, каде што не смее да има никаков контакт со корона вирусот. Требаше нашиот персонал многу повеќе да биде заштитен, за да не дојде до ваква ситуација, дополнувајќи дека веќе на Одделението за пулмологија сега се сместени 26 пациенти со вирусот, а на Одделението за ургентна медицина 16-ттина. Овие одделенија беа пренаменети, зошто повеќе нема место.
Нивниот гнев е уште поголем, заради тоа што не се на листите за платежните картички. Велат дека не е толку до парите, колку што е до принципот и додаваат дека некои од лекарите кои во изминативе месеци се дома заради тоа што не се ангажирани во целата ситуација се наградени со 40 отсто од платата, а некој што деноноќно го носи товарот со кризата воопшто го нема.
Во однос на ова прашање, минситерката за финасии, Нина Ангеловска, вчера истакна дека здравствените работници ќе ги добијат очекуваните 40 отсто од плата на домашната платежна картичка, со објаснување дека Фондот за здравство доставил коригирана листа откако претходно биле испратени нецелесони или грешни матични броеви, но грешки имало и во износот кој медицинарите треба да го добијат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.