Белгиска политичарка ги објави по грешка цените на вакцините

Иако многу граѓански здруженија и парламентарци бараат транспарентност, зашто вакцините се плаќаат со пари од даночните обврзници, од Комисијата одбиваат да ги кажат цените укажувајќи оти тоа е тајна зашто се работи за комерцијални договори.

Европската комисија со денови одбива да информира за цените на вакцините против коронавирусот кои ги нарачува во име на земјите-членки.

Белгија ќе купи вакцини во вредност од 280 милиони евра за своите граѓани.

Но, ценовникот по грешка протече во Белгија. Државната секретарка за финансии на Белгија Ева де Бликер на Твитер по грешка го објави ценовникот. Тоа веднаш го пренесе и најтиражниот белгиски весник „ХЛН“. Иако твитот брзо беше избришан, ХЛН направи скриншот на кој се гледаат цените.

Вакцините кои ги договорила Европската комисија чинат од 1,78 до 18 евра по доза. Првата вакцина која веќе почна да се доставува од производителот БиоНТек/Фајзер ЕУ ја договорила за цена од 12 евра по доза. Со оглед на тоа што за еден граѓанин ќе бидат потребни две дози, вакцината ќе чини 24 евра.

Најевтината вакцина е таа на Универзитетот Оксфрод и компанијата АстраЗенека. Таа ќе чини само 1,78 евра по доза. Производителите на оваа вакцина се обврзаа дека нема да заработуваат на неа.

Во меѓувреме, државната секретарка на Белгија изјави дека објавата била грешка од страна на тимот за комуникација со јавноста, но тоа нема да го загрози снабдувањето на вакцини во Белгија. А, во Европската комисија сѐ уште не скаат да коментираат и велат оти цената на вакцините е тајна.

Ценовник:

Оксфрод/АстраЗенека: 1,78 евра

Џонсон&Џонсон: 8,50 евра

Санофи/ГСК: 7,56 евра

БиоНТек/Фајзер: 12 евра

ЦуреВац: 10 евра

Модерна: 18 евра

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.