среда, 25 ноември 2026
Најново

Македонија остана без селектор, Седлоски и ФФМ го раскинаа договорот

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Македонската фудбалска сениорска репрезентација ќе добие нов предводник откако попладнево од Куќата на фудбалот соопштија дека постигнале договор за предвремен раскин на соработката со Гоце Седлоски.

Македонија под водство на Седлоски одигра лошо во Лигата на нации без притоа да освои ни бод, а под водство на поранешниот капитен на Македонија постигна само еден гол.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Од ФФМ побараа разбирање за донесената одлука, а на Седлоски му се заблагодарија за посветеноста и професионалниот однос.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме соопштението на ФФМ:

Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат. Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари кои не треба да бидат товар за човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал.

Гоце не е само селектор кој ја предводеше репрезентацијата во еден период. Тој е еден од најтрофејните македонски тренери, легендарен капитен и човек кој со години е дел од историјата и развојот на нашиот фудбал.

Можеби моментот во кој ја презеде репрезентацијата не беше идеален. Можеби високите очекувања, наспроти реалноста, околностите и резултатите не се поклопија со она што сите го посакувавме. Но, тоа не ја менува неговата заслуга, ниту придонесот што го има дадено за македонскиот фудбал.

ФФМ му се заблагодарува на Гоце Седлоски за досегашната работа, посветеноста и професионалниот однос. Веруваме дека неговото искуство, знаење и љубов кон македонскиот фудбал и во иднина ќе бидат ставени во служба на нашиот фудбал, клупски или репрезентативен.

Резултатите се дел од фудбалот. Почитта кон луѓето кои го задолжиле треба да остане и по последниот натпревар.

Поврзани вести