Бесијан Ахмети отповикан од Брисел

Внукот на Али Ахмети, Бесијан Ахмети, е разрешен од функцијата прв секретар во амбасадата на Македонија во Брисел. Одлуката ја донесе министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на барање на Министерството за економија и труд, каде моментално е вработен Ахмети. Тој мора да ја напушти позицијата до 1 септември, две години пред крајот на договорот.

„Ве информираме дека по барање на Министерството за економија и труд, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера издаде решение, со што истекува мандатот на Бесиан Ахмети како прв секретар во Амбасадата на Република Северна Македонија во Брисел“, велат од Министерството за надворешни работи.

Бесијан Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е осомничен во случајот за злоупотреба на концесијата за минерални суровини. Но, од Министерството за економија и труд велат дека барањето за негово разрешување доаѓа откако Ахмети немал резултат во работата за која бил задолжен.

„Сметавме дека нема постигнати резултати на полето на привлекување инвестиции, затоа побаравме негово враќање на работното место во Министерството за економија и труд. Во однос на предметите за концесијата и кривични пријави, ќе постапат од обвинителството, за што веќе се поднесени кривични пријави“, велат од Министерството за економија.

Бесијан Ахмети е вработен во Министерството за економија и труд, а со одлука на Министерството за надворешни работи на 26 април 2023 година е испратен на работа во македонската амбасада во Брисел, на период од 3 години, почнувајќи од 1 мај 2023 година.

Бесијан Ахмети е брат на Дрин Ахмети, и двајцата се осомничени за злоупотреба на концесијата за минерални суровини. Штетата од злоупотреба е над 1,6 милиони денари или околу 27 илјади евра.

Покрај внуците на Ахмети, осомничени за оваа злоупотреба, има и 7 државни службеници на Министерството за економија и Државниот инспекторат за техничка инспекција

Пронајдете не на следниве мрежи: