Бесплатен превоз во Скопје до денес во 18 часот

Заради намалување на загаденоста на воздухот бесплатниот автобуски превоз во Скопје се укинува денес во 18 часот, соопштија од Град Скопје. Претходно и Владата соопшти дека заради намалување на прагот на штетните ПМ10 честички во воздухот во текот на вчерашниот ден од утре ќе ги укине препораките за граѓаните.
– По добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 микрограми на метар кубен и епизодата со зголемено загадување во текот на два последователни дена е прекината, Градот Скопје ги известува граѓаните дека денеска од 18 часот се укинуваат вонредните мерки меѓу кои e и бесплатниот јавен превоз, како и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 20 јануари 2019 година, наведено е во соопштението.
Доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно, додаваат од таму.
– И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот, додаваат од Град Скопје.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: