Инвазијата на аргентински навивачи за Доха за мундијалското финале во недела и ненормалниот интерес да се дојде до билет за стадионот „Лусаил“ ја крена цената на билетите и до 3.000 долари на црниот пазар, но најавите се дека во следните 24 часа уште повеќе таа може да порасне.
Според информации на аргентински медиуми, илјадници Аргентинци кои се дојдени во Катар немаат билети и на секој начин се обидуваат да стигнат до нив, па дури и протестираат пред главниот центар за влезници на ФИФА, барајќи од федерацијата да им помогне да најдат влезници, зашто прескапи им биле тие што се појавиле на црниот пазар.
„Ние не бараме да ни дадат бесплатни билети, туку да ги купиме по оригинална цена, зашто веќе се понудија некои со ненормални цени. Затоа и протестиравме и бараме од АФА преку ФИФА да ни помогне“, велат дел од аргентински навивачи.