Во домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, вечерва ќе се отвори самостојната изложба „Конфигурации“ на уметницата Билјана Билбилоска. На оваа изложба ќе бидат прикажани дела создадени со акрилна техника.
Конфигурациите во уметноста претставуваат спој на два различни света: внатрешниот свет на уметникот и надворешната, објективна реалност. Преку личната перспектива на уметникот, овие светови се трансформираат во перцепции и емотивни искуства, како и во уникатни изрази кои пловат низ субјективното и објективното. Авторката Билбилоска, преку својот стил, ја открива констелација од асоцијативни визии и симболи, постојано прикажани во виртуелни, недефинирани простори и времиња, кои се водени од истакнати вектори што ја обликуваат поетиката на бојата и симболизамот на контекстот. Сето ова нè води низ различни сегменти и орбити на едно мистично соѕвездие, се вели во изјавата на авторката.
Дополнително, изјавата објаснува дека лиричната семантика на овие творби минува како магла низ повеќеслојни емоции во постојана промена. Изражајниот спектар на боите излегува на површината, се разлевајќи и обликувајќи се во различни и секогаш изменети изрази, секвенции и симболи. Овие елементи ги истакнуваат, одредуваат и артикулираат парадигмите, контроверзите и парадоксите завиени во мистичните сегменти на контемплативното размислување.
The post Билјана Билбилоска претставува нова изложба во Домот на култура „Кочо Рацин“ appeared first on 365.mk.