Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција во Собранието, изјави дека новото владино задолжување од 260 милиони евра ќе биде многу поскапо, со оглед на високата каматна стапка, при што државата само за камата ќе плаќа помеѓу 58 и 64 милиони евра.
Битиќи нагласи дека цената за толку скапо задолжување ќе ја платат граѓаните дури и пред да се почувствува каков било економски ефект.
„Според сегашниот шестмесечен ЕУРИБОР од 2,562% и договорената маргина од 2,10 процентни поени, овој заем моментално ќе чини околу 4,66% годишно. Во зависност од конечниот распоред за отплата, државата ќе плати приближно помеѓу 58 и 64 милиони евра само за камата, а со еднократната провизија од 3,64 милиони евра, директното финансиско оптоварување се движи од 61 до 67 милиони евра, без дополнителни агенциски трошоци и други трошоци. Ова е реалната цена што граѓаните ќе ја платат дури и пред да почувствуваат каков било економски ефект“, рече Битиќи.
Во исто време, Битиќи нагласи дека парите од новиот долг нема да се користат за подобрување на животниот стандард на граѓаните, туку за криминалните тендери на Владата.
„Најстрашно е што овие пари не одат кај граѓаните, не одат на повисок стандард, туку на партиски тендери, омилени компании и владин луксуз. Затоа, СДСМ, како што најави, ќе се спротивстави на ова задолжување“, рече Битиќи.
The post Битиќи: Граѓаните ќе платат над 60 милиони евра само камата за новиот долг appeared first on Во Центар.



