Во вторник, 24 ноември 2026 година, со почеток во 10:00 часот, во средното училиште „Алгоритам“ во Скопје ќе се одржи првиот фестивал од ваков вид во Македонија, наменет за средношколци. На фестивалот ќе учествуваат ученици од околу десет гимназии, а настанот е отворен за јавноста.
Учениците ќе пишуваат и ќе ги претстават своите есеи на тема „Вештачка интелигенција и образование“. Преку есеите ќе ги изнесат своите ставови за тоа како вештачката интелигенција го менува начинот на кој учат и каква улога треба да има во наставата. Жири-комисијата ќе ги оцени есеите, а авторите на трите најдобро оценети труда ќе бидат наградени.
Во жири-комисијата членуваат Елизабета Дамјановска-Спасеновска, новинарка, Наде Молеровиќ, професорка и уметница која работи на доедукација на родители и наставници, и Горјан Петревски, еден од најеминентните македонски писатели на литература за деца и млади.
Организаторка на фестивалот е Магдалена Стојмановиќ-Константинов, професорка по филозофија и логика. Фестивалот им дава простор на средношколците јавно да ги образложат своите ставови за прашања што директно го засегаат нивното образование и да слушнат како за нив размислуваат врсниците од други училишта.
Настанот е од отворен карактер, заинтересираната јавност не треба да го најавува своето присуство, а влезот е бесплатен.



