Пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи се огради од навредливиот речник што го употребува лидерот на партијата, Венко Филипче, оценувајќи дека таквиот начин на комуникација не е својствен за еден социјалдемократ.
Во интервју за „360 степени“, Битиќи беше прашан за изјавите во кои Филипче го нарече премиерот Христијан Мицкоски „идиот“, а за поддржувачите на Платформата 12:05 рече дека ќе ги „прегази како шлепер жаба“.
Иако посочи дека официјалното објаснување на СДСМ е дека таквиот речник претставува одговор на комуникацијата што претходно ја воспоставил Мицкоски, Битиќи јасно нагласи дека лично не го смета за прифатлив.
„Ако ме прашувате дали за социјалдемократ таков речник е вообичаен, сметам дека не“, рече Битиќи.
Според него, социјалдемократите треба да покажат поинаква политичка култура и да бидат различни од своите политички противници.
„Ние треба да бидеме различни, да покажеме друга политичка култура“, порача Битиќи.
Со ова, тој практично се дистанцираше од навредливата реторика на Филипче, иако односите со претседателот на СДСМ ги оцени како коректни и професионални.
Битиќи истовремено повика раководството на СДСМ и претставниците на Платформата 12:05 да ги остават навредите и меѓусебните обвинувања и да седнат на заедничка маса.
Според него, партиските разлики треба да се решаваат преку дијалог, аргументи и почитување на социјалдемократските вредности, а не преку лични дисквалификации и понижувачки пораки.



