Основното јавно обвинителство од Битола денеска по допрен глас отворило предмет за случајот со застреланата мечка и фотографиите на кои позира Сашо Дранго, заменик-директор на „Македонија пат“, објави „Независен“.
„По објавата по медиумите, оформен е предмет и се постапува за да се утврди што точно се случило. Обвинителството ќе се обрати до Здружението ‘Анима мунди’ да ни ги достават нивните материјали, како и евентуалните пријави кои ги доставиле до МВР или други државни институции“, изјави за „Независен“ обвинителката Оливера Нечаковска.
Фотографиите кои ги објави здружението „Анима мунди“, на која се гледа заменик-директорот на „Македонијапат“ и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, како позира со пушка со оптички нишан и со мртвото животно, предизвикаа бурни реакции во јавноста. Сашо Дранго, во изјава за „Телма“ денеска тврдеше дека тој не ја застрелал мечката, туку таа била усмртена во сообраќајна несреќа, а тој бил на местото како дел од неговите работни обврски, па заедно со вработени во јавното претпријатие само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа.
„Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па како вработен во ‘Македонија пат’ бев таму, за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста Ротино, битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави Дранго за „Телма“.
„Независен“, повикувајќи се на извори од СВР Битола, вечерва објави дека на тој пат имало сообраќајка и дека таа се случила на 4 ноември меѓу селата Цапари и Ротино, но била предизвикана од мало мече, а не од возрасна мечка како онаа со која се сликал Дранго.
„Таа фотографија со сите детали ни ја испратија на нашата електронска пошта. Исто така, ни кажаа дека имало и обид да се пријави, но тоа било скриено дури и од лица кои работат во МВР. Уште пострашен е фактот што се работи за носител на јавна функција, заменик-директор. Јас очекувам дека надлежните институции сериозно ќе се занимаваат со ова, добро ќе го истражат настанот и тој ќе одговара како што налага Кривичниот законик“, изјави Гизела Бошковска Георгиевска од „Анима мунди“.
Во Законот за дивечот и ловството, во членот 11 пишува дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, додека во членот 14 е наведена трајната забрана за лов на мечки. За отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра за мечка постара од две години, додека Кривичниот законик во членот 228 предвидува и затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита.