Би ги пуштиле ли децата до 3. одделение на училиште? Резултати од над 3.000 анкетирани

Најмногу од оние што одговориле дека ќе дозволат детето да оди во школо се родители на идни првачиња
Повеќе од половина основци од прво до трето одделение би седнале во училишните клупи на почетокот од учебната година. Повеќе од една третина, пак, наставата би ја следеле онлајн од дома, а мал дел од родителите сè уште не одлучиле како оваа година ќе се образоваат нивните деца. Ова го покажа онлајн-анкетата на Факултети.мк и Деца.мк, во која своите размислувања и одлуки ни ги напишаа 3.255 родители од повеќе општини во земјава, но најмногу од скопските.
Најмногу од оние што одговориле дека ќе дозволат детето да оди во школо се родители на идни првачиња.


Учебната година веројатно ќе доцни, учениците од 1. до 3. одделение ќе може да одат во школо, а останатите новата учебна година ќе ја почнат онлајн. Исклучок ќе имаат општините-основачи на училиштата каде што има добра епидемиолошка состојба. Изминатиот период родителите пополнуваат анкетни листови кои им се доставени од наставниците и на кои треба да се изјаснат на кој начин нивното дете годинава, во услови на пандемија, ќе ја следи наставата.
Најголем интерес за оваа анкета покажале родителите на деца кои треба да го започнат своето образование во прво одделение. Имено, 39,1 отсто или 1.245 испитаници од вкупно 3.179 родители што се изјасниле имаат идно прваче. Точно 29,9 отсто од анкетираните се изјасниле дека имаат дете кое треба да посетува второ одделение.
На прашањето: „Дали ќе дозволите вашето дете да оди на настава во училиште или наставата ќе ја следи од дома?“, одговориле вкупно 3.222 родители, од кои најголем процент или 56 отсто, дале одговор дека ќе дозволат нивното дете да оди во училиште. Од нив, 37,7 отсто анкетирани се изјасниле дека нивното дете ќе ја следи наставата од дома. Одговор дека не знаат, односно сè уште не одлучиле како нивното дете ќе го продолжи образованието оваа година дале најмалку од испитаниците, или 6,3 отсто.
Здравјето пред образованието
На прашањето: „Зошто така одлучиле?“, се изјасниле вкупно 2.461 родител. Оние што се одлучиле за онлајн-настава од дома најчесто одговориле дека се плашат за здравјето и безбедноста на своите деца.


Голем дел од нив ги потенцираат хигиенските услови во училиштата и се сомневаат дека таму ќе бидат создадени соодветни можности за спроведување настава според протоколите за заштита од ширење на вирусот.
– Бидејќи ризикот за ширење на болеста во затворен простор е исклучително голем – стои во еден од одговорите.
– Не верувам дека ќе се почитуваат протоколите за заштита во училиштата. Како што не се почитуваат и на многу други места – вели родител на дете од трето одделение.
– Хигиената во училиштето е на многу ниско ниво и не верувам во капацитетите на раководната структура и наставниот кадар дека ќе направат соодветна промена и ќе се почитуваат протоколите – вели трет родител.
– Во училиштето не се води сметка за хигиената која е утврдена согласно протоколите за заштита од Ковид-19. Паралелките се многубројни, со 34 деца, има само еден тоалет во цело училиште каде што децата може да ги мијат рацете – посочува уште еден од анкетираните родители на дете од второ одделение.
Родител на второодделенец од скопската општина Карпош вели дека сите месеци наназад децата ги држел како на синџир, со почитување на мерките и препораките, во интерес на заштитата на нивното здравје.
– Основните училишта немаат основни хигиенски услови во нормални услови, а не, пак, во ваква вонредна состојба. Сè друго може да се компензира и надомести, но здравјето не! Немам никаква доверба во институциите на системот од највисоко до најниско ниво и свесна сум дека и да се усвојат некакви превентивни мерки (ако воопшто се усвојат), тие би биле само декларативни – посочува истиот родител.
Има и такви родители кои имаат многудетни семејства и живеат со повозрасни членови во домот, па сметаат дека ваквата одлука им е исправна.
– Иако статистиката покажува дека децата на оваа возраст најмалку се погодени од Ковид-19 и го прележуваат со лесна слика, сепак, тие се потенцијални преносители за сите останати членови во семејството, особено за хронично болните и постарите лица – вели еден родител.
– Затоа што имам три деца и сметам дека така е побезбедно за сите – пишува во одговорот на друг анкетиран родител.
– Сестра му ќе учи од дома. Нема логика неа да ја заштитуваме, а него да го праќаме во училиште – вели родител на третоодделенец.
Многу од родителите се загрижени за здравјето на децата, зашто и во време кога коронавирусот не бил присутен нивните деца во текот на школската година биле честопати болни.
– Нема доволно хигиена и технички персонал во училиштето, дисциплината ја немаме, свеста помалку, за време на вируси и грипови повеќе сме дома бидејќи се со алергени и респираторни инфекции. Ризикот е поголем во време на пандемија да пуштиш дете во училиште со не толку организирани наставници и персонал за грижа околу нив, за дистанцирање, а и хигиената е на слабо ниво – вели родител чие дете треба да посетува трето одделение.
Има и такви родители кои сметаат дека децата до трето одделение се уште мали и нема да можат да се придржуваат до протоколите.
– За моето дете е најдобро да остане дома, мало е за да може да разбере дека треба да се држи дистанца и да се носи маска цело време додека трае наставата – вели родител на втораче.
Онлајн-наставата не може да ја замени училницата
Најголем дел од оние што одлучиле нивното дете да оди во училиште и оттаму да ја следи наставата се сомневаат во спроведувањето на онлајн-наставата и опцијата за учење од дома и тоа најмногу зашто имале лошо искуство од претходната школска година. Многумина од нив морале дополнително да работат со децата, што им предизвикало отежнување во извршувањето на останатите домашни обврски.
– Децата од дома немаат концентрација за да следат настава. И материјалот не го совладуваат доволно. Сè друго им е поинтересно и наоѓаат изговор за да не се сработи. И нормално, се трупа материјалот, па потоа ние родителите треба да работиме со нив и тоа е сè набрзина или наеднаш и не е научено. А ние, родителите, нормално одиме на работа и нема да знаеме како се одвивала онлајн-наставата – вели родител на третоодделенец од скопската општина Кисела Вода.
– Прво заради детето. Не го сфати школото како сериозна институција. Во прво одделение помина речиси исто како во градинка. Не сакам и оваа година да биде така. Второ затоа што и јас одам на работа во смени и не можам кога ќе си дојдам од работа да изигрувам наставничка. Не сум учела за тоа и не знам како да му објаснам некои работи. А и не ме гледа како наставничка, односот наставничка-дете и родители-дете не може да биде ист. Секако дека сум загрижена и за здравјето на моето дете, ама со добра хигиена и помал број деца во една училница може да успеат истовремено да се едуцираат и да се заштитат од вирусот – вели мајка на второодделенец.
Има и родители што сметаат дека состојбата со коронавирусот во земјава уште долго ќе биде непроменета, па затоа постои можност да изгубат многу од образовниот процес и затоа училишната клупа е најправилниот избор за нивното дете да се описмени и да го совлада образовниот материјал.
– Сметам дека наставата на училиште е подобра и полесно сфатлива од онлајн-наставата. Децата се веќе доволно свесни за заштитата од коронавирусот со оглед на тоа што шест месеци им го кажуваме истото – посочува родител на второодделенец.
– Нема смисла да не оди во школо кога оди во парк, во игротека или на базен. Не би можела да му го дадам знаењето кое му треба од дома – вели друга мајка.
– Со наставниците повеќе ќе научи, ќе стекне дисциплина и одговорност – стои во одговорот на трет родител.
Родител на прваче од Прилеп смета дека онлајн-наставата не може да ја замени наставата во училница.


Иако во мал процент, но сè уште има родители кои не донеле одлука како ќе учи нивното дете зашто се сомневаат во здравствената заштита во школите, но и сметаат дека досегашниот модел на онлајн-настава не е соодветен.
– Немаме конкретни информации, и мерки кои се преземени институционално -вели родител чие дете е трето одделение.
– Никој од надлежните не кажал конкретно како ќе се одвива наставата и кои се придобивките што ќе ги имаат децата ако учат на еден или на друг начин – посочува родител во друг одговор.
За првачињата е најважен првиот впечаток
Анкетата покажува дека најголем дел од родителите што избрале нивните деца да посетуваат настава во училиште се токму тие со деца од прво одделение. На прашањето зошто така одлучиле, мнозинството од нив сметаат дека почетокот на образовниот процес за нивното дете е многу важен и тоа треба да се случи со директно запознавање на наставниците и соучениците. Велат дека првиот училиштен ден ќе остане во нивната меморија само ако тие седнат во училишната клупа, а на тој начин полесно ќе се стекнат со навиката дека мораат да учат.
– Одењето во училиште за дете од прво одделение е многу повеќе отколку само почеток на образовен процес. Тоа треба да ги запознае училиштето, учителот, другарчињата, да стекне навики, да се социјализира, да научи дека училиштето ќе стане дел од неговото секојдневие. Да беше кое било друго одделение, второ, трето, петто, сеедно, немаше да го пуштам со физичко присуство. Но, да го пропушти тргнувањето во прво одделение е како да пропуштил цела фаза од растот и развојот. Како да не научил да оди, на пример – коментира еден родител.
– Заради социјалниот момент, дружбата со другите деца и фактот што првачињата мораат да бидат во школска клупа за да стекнат навика и да ја сфатат смислата на образовниот процес – вели друг родител.
– За прваче е неопходно да увиди што е училиште и како функционира дружбата со другарчиња, запознавање на учителка како авторитет и стекнување работни навики – вели трет родител.
Родителите сигурни во своите одлуки
Родителите кои одлучиле каква настава ќе следат нивните деца се цврсто уверени во својата одлука и најголем дел од нив сметаат дека ништо не може да ги премисли.
На прашањето: „Што би ве премислило“, свое мислење дале 2.297 родители, а најголем дел велат дека ништо не би ги премислило во нивната одлука.
Меѓу одговорите што ги посочиле како евентуална причина за промена на нивната одлука најчесто се употреба на вакцина, влошување или, пак подобрување на состојбата со пандемијата на ниво на државата.
– Одредени услови што би ги поедноставиле работите можат да ме премислат. Ослободување на еден родител на дете до 10 години од работни обврски. Скратено работно време на родителот приспособено со распоредот на детето. Секако, по издадена потврда од училиште дека детето следи настава и наведен временскиот период со цел да не дојде до злоупотреба. Сменско работење на родителите, со цел децата да бидат препуштени на родителите, а не да се изложуваат бабите и дедовците на ризик – вели еден родител.
– Доколку се појават ученици позитивни на вирусот – вели друг родител.
– Ако се подобри епидемиолошката слика – вели родител на ученик од второ одделение.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.