Блогерка патува со сопругот низ светот во инвалидска количка

Блогерка не дозволува инвалидската количка да ја спречи да патува и со помош на сопругот, има посетено 23 земји и 80 градови низ светот.
“Колку потешко е, толку повеќе ми се допаѓа“ – вели Џулија Ламарка, која обожава да патува.
27-годишната Италијанка имала само 19 години кога си го повредила ‘рбетот при несреќа со мотоцикл. Таа поминала низ тешка, но успешна операција на четири пршлени. Сепак, Џулија морала да помине една година во рехабилитација на болница за да се привикне на повредата и на животот во инвалидска количка.
Таму го запознала својот сегашен сопруг Андреа. “Бев негова пациентка. Се среќававме речиси секој ден, со месеци и започнавме да разговараме за многу нешта. Еден ден, кога тој ја заврши својата специјализација, ме праша: “Зошто да не одиме заедно во Австралија откако јас ќе дипломирам, а ти ќе бидеш испишана од болница?“ Не разбирав зошто би ме прашал такво нешто. Не му верував, но и покрај тоа, реков “ДА“, пишува Џулија.
Патувањето во Австралија било првото од многуте што претстоеле за парот, кој подоцна стапил во брак.
“Преку патувањата, се ослободувам себеси. Мојот сопруг ме инспирира да го користам ова како начин да ги тестирам нашите граници. Ние сме претприемчиви и тврдоглави, си поставуваме цели и секогаш ги постигнуваме. Заедно имаме посетено повеќе од 23 земји и 80 градови. Успеавме да стигнеме до Мачу Пикчу, Големиот ѕид, Јапонија, Индија, Боливија, Кина, Канада и Сигирија, огромна камена тврдина во Шри Ланка со 1.000 скали! 1.000 скали ги искачивме заедно… Тој чекореше, а јас бев прикачена на неговиот грб цело време (но, за оние кои се прашуваат, тоа беше мачно и за мене). Сопругот буквално ме носеше на места на кои немам достап поинаку“, вели Џулија.
“Ги поканувам сите секое утро да ги кажуваат зборовите што јас ги кажувам: “Денес е прекрасен ден и ќе го создадам животот што го сонувам“.
“Немам совет кој ќе важи за сите што се наоѓаат во тешка ситуација, Но, можам да ви го кажам ова: Стремете се кон она што прави да се чувствувате живо, среќно и слободно. Тоа може да биде што било. Стремете се кон вашите цели и направете сè за да ги достигнете. Не дозволувајте никој да ви вели дека тоа е невозможно“.
“Оттргнете се од она што ви го велат другите. Луѓето имаат предрасуди и се стремат да се прилагодуваат, да ги прават нештата постојано на истиот начин. Одлучив јас самата да ги прекршам правилата и поважно ми беше да стигнам онаму каде што сакав отколку начинот на кој ќе стигнам таму.“
“Не се секирајте ако треба да се задржите со главата за ѕидот само за да не паднете на земјата. Целта сепак е да не паднете. Следете ги вашите цели и бидете различни. Запомнете дека вие сте исклучокот, а не правилото. Јас избирам да бидам исклучокот.“
“Можете да изгубите речиси сè, можете да ги изгубите нозете и можеби дури и инвалидската количка, но никој не може да ви ја одземе решителноста и волјата за да успеете.“
“Тоа може да биде само ваш избор. Изберете добро, од вас зависи“, советува Џулија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.

mk_MK
mk_MK