Бојан Јовановски на самото влегување во судница за денешното рочиште за “Рекет” на новинарите им се пожали дека доцнел, бидејќи физички бил нападнат од затворската полиција.
Директорот на затворот Есад Рахиќ за “Фокус” вели дека е информиран дека немало физички напад, туку Јовановски не дозволувал да му се стават лисици.
-Информиран сум дека утринава, при обидот да биде спроведен во затворот во Кривичниот суд, Јовановски бил нервозен и давал отпор, односно не дозволувал да му се стават лисици, изјави директорот Рахиќ за “Фокус”, додавајќи дека ова се првичните информации кои ги добил, а дополнително ќе провереле што точно се случило.
Тој сепак додаде дека не верува дека некој физички го нападнал, бидејќи изминативе седум месеци никогаш немало отстапување од процедурата.