Најмалку 13 лица се убиени во самоубиствен напад во сомалискиот главен град Могадишу, соопшти полицијата. Во соопштението се вели дека бомбашот влегол во воениот камп пеш и се разнел меѓу околу 200 млади мажи кои требало да бидат регрутирани во сомалиската армија.
Според полицијата, најмалку 30 лица се повредени. Самоубиствениот напад се случил утрово во 9:20 часот пред воениот камп Дамахо. Безбедносните сили се на местото на настанот и започнаа истрага, објави сомалиската новинска агенција Сона. Се очекува бројот на жртви да се зголеми. Експлозијата се слушнала во неколку делови од градот.
Исламистичката милиција Ал-Шабаб ја презеде одговорноста за нападот и соопшти дека убила десетици нови регрути, објавија локалните медиуми. Групата, која е поврзана со терористичката мрежа Ал Каеда, ја обвини владата за експлоатација на невработени млади луѓе за да ги испрати да се борат против терористичката група.
Ал-Шабаб е терористичка милиција која со години извршува напади во Сомалија и пошироко и има за цел да воспостави теократија заснована на шеријатскиот закон.
Во последните недели, обновените судири меѓу владините трупи и милициите се интензивираа, особено на југот и центарот на земјата, јавува Танјуг.