Мотивирани од постојаната борба против сајбер насилството, луѓето во Instagram решија да тестираат нова опција која веројатно ќе биде имплементирана како постојан дел од нивната апликација, во која преку вештачка интелигенција (AI) ќе ги идентификуваат навредливите и ризичните коментари.
Тимот на Instagram наскоро започнува со тестирање така што на корисниците ќе им овозможи да банираат одредени профили од нивниот сопствен профил. Попрецизно, ќе имаат моќ да го ограничат другиот корисник така што неговите коментари ќе му бидат видливи само нему, но не и на останатите корисници. Банираните корисници нема да знаат кога сте активни на Instagram или пак кога ги читате нивните директни пораки.
Компанијата објави и дека воведува нова опција со која ќе ги означува потенцијално навредливите коментари, преку препознавање на истите со помош на AI технологија. Новитетот ќе ги опоменува корисниците кои коментираат преку нотификација која ги прашува дали навистина сакаат да остават таков коментар.
Мала е веројатноста дека личноста која сака да навреди некого ќе биде спречена преку мала нотификација од Instagram, но токму поради тоа ќе биде имплементирана претходно наведената опција, со која корисниците ќе можат да банираат други корисници.
Instagram веќе тестираше неколку начини за заштита од сајбер насилство, вклучувајќи филтер за навредливи коментари кој автоматски ги идентификува коментарите кои содржат навреди на основа на изгледот и карактерот, како и закани кон корисниците. Слична опција неодамна беше тестирана и за фотографии.