Во изминатото деноноќие во Министерството за внатрешни работи се регистрирани пет пријави за семејно насилство, при што две лица се лишени од слобода, информираат од МВР.
Како што соопштија од Министерството, вчера во 15:30 часот на улицата „Браќа Ѓиноски“ во Гостивар, полициски службеници го лишиле од слобода А.М. (31) од Гостивар, постапувајќи по претходна пријава од неговата сопруга дека во семејниот дом физички ја нападнал и ѝ упатил закани по нејзиниот живот и животот на нејзини блиски.
Во населбата „Бањешница“ во Гостивар, вчера во 21:10 часот, полициски службеници го привеле Ѓ.Ш. (35) од Гостивар, постапувајќи по претходна пријава за агресивно однесување кон неговата мајка, при што лицето се однесувало агресивно и кон полициските службеници.
Во Скопје, вчера во 15:45 часот, 19-годишна девојка пријавила дека на 2 мај годинава, во дом на подрачјето на Кисела Вода, таа и нејзината мајка биле физички нападнати од нејзиниот татко З.Ѓ.
Исто така, вчера во 14:45 часот во СВР Скопје, 75-годишна жена пријавила дека на 3 мај годинава, во дом на подрачјето на Кисела Вода, била физички нападната од нејзиниот син С.Ѓ. и неговата сопруга, при што бил оштетен и дел од покуќнината.
Во СВР Тетово, вчера во 7:05 часот, 30-годишна жена од Тетово пријавила дека околу 6:50 часот во Тетово, нејзиниот поранешен партнер С.К. од Скопје ја следел и вознемирувал.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и дека по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
The post Бран семејно насилство за едно деноноќие, две лица приведени appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



