„Брз кредит за кафе-шема во Охрид“ – Повторно реакции против скапотијата во туристичкиот бисер

Изминатиот продолжен празничен викенд го наполни Охрид. Македонскиот туристички бисер и убавото пролетно време беа доволни голем број посетители, меѓу нив и голем број скопјани, мирот да го побараат покрај вода и близу природа. Но, она за што негодуваат се високите цени во Охрид диктирани од угостителите.

Така беше и овој пат. На социјалните мрежи се појави фотографија од фискална сметка на кој се гледа дека шише вода чини 190 денари, кафе макијато 150 денари, а сок 170 денари.

– Човек да се запраша дали е на Миконос, во Дубровник или во Охрид. Легендата вели. За кафе и вода во Охрид, треба да земете брз кредит, гласи коментарот за оваа сума која требало да се плати за пијачки во Охрид.

– Цената ја диктира односот помеѓу понуда и побарувачка(основен економски постулат).Ако нема кој да купува(да троши) единствено што им преостанува на газдите е да ја намалат цената или да стават клуч.Е сега штом му оди народ му купува, никој не е будала да намалува цена кога може да си прави профит со маржа од 300-400% или повеќе, гласи еден коментар на оваа тема.

Охриѓани преку својата фејсбук група не останаа „покуси“ па им одговорија конкретно на скопските туристи, во свој стил.

– Ти идат на продолжен викенд Охрид.Си велит да седнам на кафе негде, не бе скупо е! Пцујат по Охриѓани, без него леб немат да јајме во Охрид, сите пари ги оставал низ градот! Земат јајце, макат сол и читат коментари и се палит дека Грчка е боље. Ова е просечен празничен викенд на Скопјанишче во Охрид, гласи дел од нивната објава.

Пронајдете не на следниве мрежи: