Бриселскиот договор е обврска, ако не се исполнат обврските ќе има серозни последици



Бриселскиот договор склучен меѓу Белград и Приштина е валиден како и сите останати спогодби постигнати во рамки на дијалогот што се води со посредство на ЕУ, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– Сите договори претставуваат валидни документи и обврски што мора да се имплементираат. Тоа е нешто што ние постојано им го повторуваме на партнерите, рече Стано во одговор на новинарско прашање дали Бриселскиот договор е се уште валиден за ЕУ во услови кога денеска се навршуваат 11 години од неговото склучување, а и натаму не е формирана Заедницата на српски општини како што е предвидено со него.

Според Стано, формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово е едно од клучните и најитните прашања.

– Европската Унија заедно со своите меѓународни партнери јасно и порача на косовската страна дека мора да ја имплементира оваа обврска. Неуспехот да се стори тоа ќе доведе до последици, рече Стано.

Тој додаде и дека во историјата на овој дијалог „се одбележани многу годишници“, како на пример првата годишници од Договорот постигнат меѓу Белград и Приштина во Охрид, кој исто така треба да се имплементира.

– Имплементацијата е клучот. Тоа важи за сите претходни договори. Тие мора да бидат спроведени, истакна Стано.

Портпаролот на ЕК посочи и дека имплементацијата на договорените обврски е поврзана со напредокот на Србија и на Косово на нивниот пат кон членство во ЕУ.

– Ако не испорачаат во однос на обврските од договорите што ги постигнаа, тогаш ќе има серозни последици, рече Стано, додавајќи дека со неспроведувањето на обврските најголемата казна ќе ја почувствуваат луѓето во Србија и Косово.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: