Европската комисија (ЕК) бара да разговара со министерката за образование Весна Јаневска околу именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Брисел ова го наведува во одговор на прашање од порталот „Порталб“, откако во јавноста се појавија низа реакции во врска со назначувањето на Богојески, а кои главно се однесуваат на неговите ставови искажани на социјалните мрежи и речникот кој го користел.
Од ЕК велат дека Комисијата не била вклучена во селекцијата и номинацијата и оти сè уште не е официјално известени за назначувањето на Богојески на позицијата од која се распределуваат европските пари од програмата „Еразмус+“.
„Европската комисија ги забележа медиумските извештаи во врска со назначувањето на г. Петар Богојески за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија. Оваа агенција, назначена од Министерството за образование и наука, е одговорна за спроведување на програмите ‘Еразмус +’ и Европскиот корпус за солидарност под индиректно управување во Северна Македонија. Комисијата не беше вклучена во процесот на селекција и номинација на г. Богојески и сè уште не е официјално информирана за тоа“, велат од ЕК за „Порталб“.
Оттаму наведуваат дека ја забележале, како што велат, значајната загриженост во врска со некои негови претходни јавни активности и изјави.
„Со оглед на тоа што очекуваме директорот на Националната агенција што раководи со клучната програма на ЕУ да ги поддржува основните вредности на ЕУ, кои вклучуваат почитување на човековото достоинство и права, слобода, демократија, еднаквост и владеење на правото, бараме да разговараме за ова прашање со министерот за образование“, велат од ЕК за „Порталб“.
Богојески, кој е претседател на партијата Македонски концепт, коалициски партнер во власта, за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност беше назначен минатата недела. Тој доаѓа на местото на местото на Марко Ѓоргиевски, кој како в.д. директор ја водеше оваа институција од 2020 година. Богојески функцијата треба официјално да ја преземе од 15 мај.