Брнабиќ категорична дека во Србија не треба задолжително вакцинирање

На Србија во моментот не ѝ е потребна задолжителна вакцинација, изјави денеска премиерката Ана Брнабиќ, коментирајќи го ставот на Европскиот суд за човекови права дека задолжителната вакцинација е неопходна во демократското општество.
„Засега постои голем интерес и нема причина да размислуваме за воведување задолжителна вакцинација. Имаме луѓе што самите аплицираат за вакцинација“, рече Брнабиќ зборувајќи во контекст на вакцинирањето на населението против коронавирусот иако одлуката на Европскиот суд се однесуваше на вакцинацијата на децата во Чешка против детски заразни болести.
Во обид да се забрза кампањата за имунизација, која е забавена и покрај набавените милиони дози вакцини и воспоставениот систем за електронско пријавување и контрола, Србија од средата овозможи вакцинирање без претходна регистрација преку државниот е-систем.
Но, епидемиолошките податоци и од средата и од денеска покажуваат дека бројките во однос на Ковид-19 не паѓаат онака како што се очекуваше со неодамнешното воведување помалку строго затворање.
Во последните 24 часа 41 лице починале како последица на Ковид-19 во Србија, а ден претходно 42. Од 16.055 тестирани примероци, потврдени се нови 3.625 заразени, а во средата беа регистрирани 3.615 нови случаи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.