Бројот на заболени од мали сипаници (морбили) ширум светот во првите три месеци од 2019 година е зголемен во однос на истиот период минатата година соопшти Светската здравствена организација. Епидемија има во сите делови од светот, а најдраматична е ситуацијата во Африка, повеќе од 700 проценти, пренесе Би-Би-Си.
-Вистинските бројки можат да бидат уште повисоки бидејќи глобално се пријавува само еден од 10 случаи на заболени, наведе СЗО. Малите сипаници можат некогаш да доведат до сериозни здравствени компликации, вклучувајќи заболување на белите дробови и мозокот, истакнуваат од таму.
Украина, Мадагаскар и Индија се земји во кои се забележани десетици илјади заразени случаи на милион жители. Само на Мадагаскар од септември минатата година починале најмалку 800 лица. Епидемијата ги погоди и Бразил, Пакистан и Јемен, предизвикувајќи бројни смртни случаи, главно деца. До зголемување на бројот на случаи со морбили дојде и во земји во кои бројот на вакцинирани лица е висок, вклучувајќи ги САД и Тајланд.
За разлика од истиот период минатата година кога во 163 земји имало 28.124 случаи, годинава во 170 земји евидентирани се 112.163 случаи. Поголемиот број заболени, 94 насто, се невакцинирани, не се целосно вакцинирани или се со непознат вакционален статус.
Светот е среде криза на мали сипаници и за тоа е виновно ширењето конфузни и контрадикторни информации за вакцините, истакнуваат шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус и шефицата на УНИЦЕФ, Хенриера Форе.
Во таков амбиент разбирливо е родителите да бидат изгубени, но на крајот на краиштата нема расправа за суштинската корист од вакцините, наведуваат Гебрејесус и Форе.
– Повеќе од 20 милиони животи се спасени благодарение на вакцините против малите сипаници, само од 2.000 година, наведоа шефот на СЗО и шефицата на УНИЦЕФ.