Нови 141 случај со Ковид-19 од 1.848 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починати се двајца пациенти, еден од Скопје (88 г.) во болнички услови и пациентка од Кичево (80 г.) вонболнички. Регистрирани се 175 оздравени пациент.
Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 12.357, бројот на оздравени пациенти е 8.662, на починати е 532, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.163.
Од вкупниот број активни случаи, во Скопје има 1.067, во Штип 301, во Гостивар 294, во Куманово 258, во Тетово 168, во Струга 160, во Дебар 124, во Кавадарци 107…
Досега во земјата се направени вкупно 120.950 тестирања на Ковид -19.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се осум пациенти.
Вкупно се хоспитализирани 76 пациенти од кои на кислородна поддршка се 27 пациенти, нема на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 16 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и пет деца позитивни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се 11 пациенти. Вкупно хоспитализирани се 69 пациенти од кои на респираторна машина се шест пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 23, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 133 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Активни случаи по општини во Скопје има во Чаир – 150, Аеродром – 132, Гази Баба – 120, Карпош – 108, Центар – 90, Кисела Вода – 89, Шуто Оризари – 85, Ѓорче Петров – 76, Бутел – 65, Сарај – 39, Студеничани – 33, Арачиново – 20, Илинден – 20, Сопиште – 11, Чучер Сандево – 9, Петровец – 8, Зелениково- 6, тројца странци и тројца нераспределени.
Министерот за здравство Венко Филипче на својот ФБ профил напиша дека сè може да се надополни – и дружбите и веселбите и излегувањата, и учењето и знаењето, и работата и патувањата, здравјето не може да се надополни.
– Грижата за здравјето на нашите најмлади, на нашите родители, баби и дедовци, на соседите и хронично болните, на ризичните групи – тоа е приоритет во секоја наша одлука. И тука нема компромис! Одговорноста е на секој од нас!, објави Филипче.