Во градот Кавала во Грција бил уапсен 35-годишен странски државјанин кој на јужната страна од пристаништето го симнал грчкото знаме од јарболот, го фрлил и подигнал знаме на друга држава, соопштија од Крајбрежната служба на Грција. Според грчките медиуми станува збор за Бугарин, кој грчкото го заменил со бугарско знаме.
Според соопштението од Крајбрежната служба, веднаш откако ги сменил знамињата, 35-годишниот побегнал, не ги почитувал наредбите на пристанишните власти, давајќи силен отпор при апсењето и навредувајќи ги надлежните.
Освен што ги навредувал надлежните извикувал дека конкретните области ѝ припаѓаат на Бугарија, а според информациите на медиумите, ова е втор сличен инцидент за уапсениот, кој најверојатно е член на „екстремистичка организација која смета дека Кавала и грчкиот регион Источна Македонија ѝ припаѓаат на Бугарија, а не на Грција“.