Бугарија годинава ќе ги добие првите 33 борбени возила „Страјкер“ за копнените сили, најави бугарскиот министер за одбрана Атанас Запријанов на денешната свеченост по повод патрониот празник на Воената академија „Г.С.Раковски“ и 113-годишнината од нејзиното формирање.
„Модернизацијата на бугарската армија се одвива со забрзано темпо. Вчера бевте сведоци на прифаќањето на првиот бугарски авион Ф-16 Блок 70, оваа година ќе ги прифатиме првите 33 возила „Страјкер“ за копнените сили, а вториот брод на морнарицата е на море. Започнува реално пополнување на вооружените сили со нова воена технологија и јакнење на борбените способности, рече бугарскиот министер за одбрана Атанас Запријанов.
На 1 декември 2023 година, бугарскиот Парламент го ратификуваше договорот за набавка на борбени возила „Страјкер“. Предвидено е набавка на 198 борбени, извидувачки и командно-штабни возила, специјални возила за нуклеарно, хемиско и биолошко разузнавање, за медицинска евакуација, за инженерска поддршка, транспортни и евакуациски возила.
-Обуката на персоналот во одбранбениот систем и вооружените сили е евидентна во реалниот живот кога дипломците заземаат одговорни командни позиции. Офицерите обучени од нашиот воен образовен систем докажуваат дека се целосно рамноправни со своите партнери кога имаат меѓународни позиции во седиштето на НАТО и за време на учеството на бугарската армија во меѓународните операции и мисии на ОН, НАТО и ЕУ. Мораме да го одржиме ова ниво и да го надградуваме за военото образование да биде тесно поврзано со современите состојби, практики и потреби, коментира министерот.
„Војните во 21 век даваат сериозен поттик за употреба на современи технологии, што налага потреба од преиспитување на нашата обука, ажурирање на наставната програма, подобрување на условите за работа и обука, соодветно наградување, но и зголемување на барањата за персонал“, рече бугарскиот министер Запријанов.