БУНАРИТЕ ОД ЃАВАТО СЕ СПАСОТ ЗА ДОЈРАНСКО ЕЗЕРО; Владата најде решение за долгогодишниот проблем?

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Миле Цеков, денеска го пуштија во функција хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро”, со кој од бунарите на Ѓавато се врши дотур на вода во Дојранското Езеро.

Имено, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, неодамна Владата ја усвои информацијата за ставање во функција на овој хидросистем и по речиси 3 години застој во работата, водите на Дојранското Езеро повторно ќе се надополнуваат од бунарите од Ѓавато.

– Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се залагаат да се изнајде решение за финансиските средства, за да се реконструира целосно овој хидросистем во блиска иднина – изјави Меџити нагласувајќи дека за повторно функционирање на хидросистемот е потребна реконструкција на самиот цевковод и набавка на неколку нови потопни пумпи.

Пратеникот Миле Цеков изјави дека претходната Влада и сегашната општинска власт речиси 3 години не нашле решение за овој проблем, за кој новата Влада најде решение за помалку од половина година.

– Благодарност до министерот Изет Меџити што поднесе предлог одлука до Владата за решавање на овој наследен предизвик кој не беше решен речиси 3 години – изјави Цеков.

На Бунарско подрачје Ѓавато моментално има технички исправни три потопни пумпи – пумпите 3, 7 и 8 кои се ставија во функција, а за останатите е потребна реконструкција.

Поради неработењето на хидросистемот во изминатиот период, нивото на водостојот на Дојранското Езеро е 76 сантиметри под дозволениот минимум и доколку продолжи ваквиот тренд, нивото може и дополнително да се намали со оглед на тоа дека и хидролошката состојба е неповолна.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.