Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оваа седмица ќе престојува во неколкудневна работна посета на Вашингтон. Во рамките на посетата Османи ќе учествува и на традиционалниот Молитвен појадок во организација на американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, во рамките на посетата Османи ќе оствари средби и со високи претставници на администрацијата на Белата куќа, како заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер и со директорот за НАТО и европски прашања во Националниот совет за безбедност при администрацијата на Белата куќа, Вилијам Беркли.
За време на посетата на американскиот Конгрес, Османи ќе оствари средби со бројни конгресмени и сенатори, меѓу кои и со конгресменот Стив Стилерс, конгресменката Деби Дингел, а централна посета на Конгресот ќе биде средбата со новиот претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот – Елиот Ејџел.
Османи, исто така, ќе учествува и на тркалезната маса пред претставниците на една од највлијателните тинк-тенк организации во САД, чија тема е соработката на САД и Европа – „Германскиот Маршалов Фонд“ (German Marshal Fund), каде ќе има обраќање на тема „Следните чекори: Македонија на пат кон демократските реформи и членството во НАТО и ЕУ“.
Посетата на Османи на САД доаѓа во еден од најважните периоди за европската и евроатлантската иднина на земјава, по усвојување на Договорот од Преспа од страна на Македонија и Грција, со што се расчистува патот за евроатлантската интеграција на земјава, стои во соопштението од неговиот кабинет.