Важна информација за годишните даночни пријави од УЈП

Крајниот рок за доставување на претпополнета Годишна даночна пријава за утврдување на персонален данок на доход за 2018 година до граѓаните од страна на Управата за јавни приходи (УЈП) истекува на 30 април, а активноста за генерирање и доставување на претпополнета Годишна даночна пријава е во тек. Даночните обврзници – физички лица кои се регистрирани на системот „е-Персонален данок“ преку своите кориснички профили може да извршат увид во Годишните даночни пријави, информира УЈП.
-Граѓаните имаат можност најдоцна до 31 мај да ја потврдат или коригираат претпополнетата Годишна даночна пријава. До истекот на крајниот законски рок, граѓанинот може да го менува статусот на пријавата, односно да ја потврдува или коригира. По истекот на законскиот рок, односно на 1 јуни, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана велат од УЈП и додаваат дека на 1 јуни службено ќе бидат потврдени и Годишните даночни пријави, кои не се ниту потврдени, ниту коригирани од страна на граѓанинот.
Од УЈП порачуваат дека Годишната даночна пријава која граѓанинот ја коригигирал, а добила статус на конечна даночна пријава, ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи.
-Доколку службеното лице не ја одобри пријавата ќе следи донесување на решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2018 година, прецизираат од УЈП.
Граѓаните кои оствариле приходи, а се уште не се регистрирале на системот е-Персонален данок тоа да го сторат во најкраток можен рок, апелираат од УЈП.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.