ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ Е БЕЗБЕДНА И НЕ ГО ЗГОЛЕМУВА РИЗИКОТ ОД ТРОМБОЗА, ОБЈАВИ ЕВРОПСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА ЛЕКОВИ

Вакцината против ковид-19 на Оксфорд и „АстраЗенека“ е безбедна и ефективна и нема никаква врска со зголемен ризик од појава на тромбоемболични настани, како згрутчување на крвта, објави денеска Европската агенција за лекови (ЕМА).
Таа направи проценка на безбедноста на употребата на оваа вакцина откако 13 држави од ЕУ привремено престанаа да ја користат поради загриженоста околу несакани ефекти, односно поради извештаите дека таа предизвикува тромбоза, што довело и до неколку смртни случаи.
„Оваа вакцина е безбедна и ефективна и придобивките ги надминуваат ризиците, тоа е наш научен став. Свесни сме дека некои држави ја прекинаа имунизацијата со оваа вакцина, па моравме детаљно да ги проучиме сите докази. Кога се вакцинираат милиони луѓе, неизбежно е да има и тешки несакани ефекти и ние продолжуваме со нашата истрага. Денешниот заклучок овозможува да се продолжи со процесот на вакцинирање“, изјави шефицата на ЕМА, Емир Кук.
До ист заклучок дојде и Велика Британија, чии регулатори денеска објавија дека во земјата се откриени само пет случаи на тромбоза меѓу 11 милиони дадени дози.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.