Вакцините против рак ќе чинат повеќе од 100.000 евра по пациент?

Бројот на случаи на рак на кожа нагло се зголеми во последниве години. Најновите податоци покажуваат дека комбинацијата од mRNA вакцина и имунотерапија би можела да ги заштити пациентите од рецидив на долг рок.

Откако играл тенис, одеднаш почувствувал болка во левата рака. „Отидов во клиниката и ми дијагностицираа меланом “, вели еден пациент од Хамбург. Тој многу добро знае дека туморот , дури и кога ќе се отстрани, може да се врати или да создаде метастази.

Овој ризик е многу висок кај меланомот, исто така наречен рак на црна кожа. Затоа, пациентот одлучил да учествува во студија која испитува дали mRNA вакцината против меланом може да го намали ризикот од рецидив. Целта на вакцинацијата е да се обучи имунолошкиот систем да ги препознава и уништува туморските клетки.

Ефектот е видлив дури и по пет години

„Знаеме дека практично кај секој пациент со здрав имунолошки систем, кој добива меланом, веќе се случува имунолошки напад – одбранбениот систем веќе се обидува да ги нападне и уништи тие клетки“, објаснува Кристофер Гебхарт од Одделот за дерматологија на Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф (UKE). Гебхарт го води хамбуршкиот дел од таканаречената Фаза 3 студија, која е во тек. Тој истакнува дека овие имунолошки реакции сега треба дополнително да се зајакнат.

Првата, помала студија од фаза 2, во која учествуваа 157 пациенти, веќе по две години покажа дека комбинацијата од имунотерапија и mRNA вакцина значително го намалува ризикот од повторна појава на болеста отколку само имунотерапијата.

За време на таа студија, пациентите со рак на црна кожа прво ги отстранија меланомите. После тоа, сите примија лекови преку инфузија, односно имунотерапија. Две третини од пациентите примија и mRNA вакцина, која беше прилагодена на нивниот специфичен тумор. Сега, по пет години, објавени се нови резултати кои покажуваат дека ризикот од релапс останува намален на долг рок.

Вакцина во комбинација со имунотерапија

Овие студии за mRNA поврзуваат два концепта кои се потпираат на имунитетот.

За време на инфузијата, на пациентите им се даваат таканаречени инхибитори на контролни точки кои го активираат одбранбениот систем.

„Знаеме дека овие лекови се ефикасни, но веројатно само кај дел од пациентите, околу половина. Другата половина се чини дека е отпорна на овој вид имунотерапија“, вели Гебхарт.

Улогата на mRNA вакцината е да ги надополни овие инхибитори со тоа што ќе им „покаже“ на имуните клетки точно каде се наоѓаат клетките на ракот.

Индивидуална mRNA вакцина за секој пациент

Третманот трае една година. „Тукушто ја примив петтата инфузија и третата вакцина. Не почувствував апсолутно ништо од самите вакцини“, вели пациент кој учествува во тековната студија. „Чувствував само блага болка на местото на инјектирање, без никакви други типични реакции.“

mRNA вакцината се произведува индивидуално за секој пациент, врз основа на неговиот тумор. Примерокот од ткивото се испраќа до производителот на вакцини Moderna, каде што се дешифрира генетскиот код на туморските клетки и се споредува со здравите клетки на телото.

Дерматологот Гебхарт објаснува дека ова е тајната на развивачите и производителите. Од листата на генетски промени, тие ги избираат оние што содржат информации за протеинските структури што имунолошкиот систем најдобро ги препознава – таканаречени неоантигени. Во овој случај, се избираат помеѓу 20 и 34 различни неоантигени, а потоа му се даваат на пациентот.

Голем број пациенти останаа здрави

Сега, пет години подоцна, учесниците од Фаза 2 од ова истражување беа повторно испитани за да се утврди кој рак се вратил, а кој не. Анализата на податоците покажа дека ефектот трае долго време ако имунолошкиот систем успешно научи како да се бори против туморот.

„Гледаме дека ова не е привремен ефект“, вели д-р Ралф Гуцмер, директор на Универзитетската клиника за кожни болести во Минден и претседател на Работната група за дерматолошка онкологија. Беа регистрирани помалку рецидиви и далечни метастази.

„Ова значи дека повеќе пациенти остануваат здрави, иако без оваа терапија би имале висок ризик од враќање на болеста.“ Гучмер нагласува дека ова се првите податоци што докажуваат дека ефектот трае и по пет години.

Сознанието дека ефектот не ослабува ги зајакна високите очекувања што ги имаат лекарите за вакцината со mRNA. Гебхарт е исто така оптимист: „Технологијата на вакцините со mRNA би можела да го револуционизира третманот на меланом и да ни овозможи да излечиме значително повеќе пациенти отколку порано.“

Вакцината сè уште не е одобрена и ќе биде скапа

Сепак, mRNA вакцината против меланом сè уште не е одобрена за официјална употреба. Предуслов за одобрување е голема студија од фаза 3 во која ќе бидат вклучени повеќе од 1.000 пациенти да ги потврди овие позитивни резултати. Исходот од тоа истражување се очекува најрано на есен.

Дури и ако вакцината биде одобрена, проблемот со нејзината цена останува.

„Секако нема да биде евтина терапија“, предупредува Гебхарт. Едногодишната терапија со инхибитори, како и индивидуалното производство, подготовка и имплементација на самата вакцинација со mRNA, се исклучително скапи.

Овој експерт проценува дека цената би можела да изнесува повеќе од 100.000 евра по пациент на годишно ниво. Досега, во медицината се евидентирани многу малку услуги што се толку скапи.
The post Вакцините против рак ќе чинат повеќе од 100.000 евра по пациент? appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: