Вевчани стана дел од петстоте најдобри светски, зелени туристички дестинации


Вевчани е првата и засега единствена македонска општина која е дел од престижната листа на најдобри светски зелени дестинации. А, во светски рамки само околу 500 локации можат да се пофалат со оваа титула, објави Глас на Америка.

Иако е најмала општина во државата, Вевчани е првата и засега единствена во Северна Македонија која е дел од престижната листа на најдобри светски зелени дестинации. А во светски рамки само околу 500 локации можат да се пофалат со оваа титула, со која се здоби на светскиот натпревар „Top 100 Green Destinations“ каде се избираа одржливи туристички приказни и добри практики од дестинации ширум светот.

„Вевчани е едно поинакво место од големите дестинации. Мало место е но има примеси на модерно место со прекрасни природни убавини, кои го задржуваат вниманието на секој турист, историја, култура и традиција. Во green destination сме препознаени најмногу по нашите природни убавини и по тоа што е направено за заштитеното подрачје Вевчански извори- Споменик на природата“, вели Александра Велкоска, туризмолог.

Вевчанските извори се можеби најубави во овој период од годината, односно на зима, кога изворите се полни со вода и може да се види сета нивна убавина.

Инаку целото заштитено подрачје Споменик на природата „Вевчански Извори“ се наоѓа северозападно од Вевчани на источните падини на планината Јабланица, на надморска височина од 950 метри и опфаќа површина од 1370 хектари.

Со ова Вевчани влегува во ексклузивна група на туристички дестинации, кои поради своите вредности се реткост и во светски рамки.

„Со самото тоа го промовираме Вевчани, како една дестинација во која има што да се направи, може да уживате во природните убавини на планината Јабланица и Вевчански извори“, вели Велкоска.

Преку програмата зелена дестинација, сертифицирани се и неколку локални бизниси, а изработен е и туристички производ кој ќе им се нуди на потенцијалните гости.

„Во рамки на пакетите кои се изготвени за понуда на туристите, најголем дел наш е во понуда на храна и помал дел и сместување. Храна која може да се служи во ресторанот и да се носи на одредени дестинации низ планината, езера, планинарски домови“, вели Насто Богоески, сопственик на ресторан Кутмичевица.

Самиот епитет зелена дестинација привлекува таков тип на туристи, кои ќе се грижат за природата, и ќе уживаат во неа.

„Очекуваме од сега во наредниот период да вродат со плод, односно да добиеме многу по посакувани гости, односно гости кои се љубители на овој тип на храна на амбиент и гости кои не прашуваат за цена, едноставно сакаат да го добијат она што го нудиме ние. Со влегувањето во топ 100 зелени дестинации ни се отворат поголеми можности и добиваме огромна реклама како дестинација“, додава Богоески.

Градоначалникот на Вевчани, вели дека за неговото место ова значи една афирмација надвор од границите на државата.

„За она што сакаат повеќе акција, тука е планината Јабланица, може да се планинари, да се вози велосипед по падините на Јабланица. Ние како општина го афирмираме Вевчани како туристичка дестинација, место каде може посетителот да види нешто различно од она што е езеро или море“, вели Спасе Кочовски, градоначалник на Вевчани.

„Идејата е развој на еко туризам, активен туризам. Придобивките се чувствуваат“, додава Велкоска.

Идејата е како прва одржлива дестинација во земјава, Вевчани да послужи како инспирација и за други места низ државата.

Пронајдете не на следниве мрежи: