Вегетаријанците се помалку здрави од месојадите

Вегетаријанците се помалку здрави од месојадите, се наведува во новото истражување. Ова не е првпат истражувањата да потврдат дека иако луѓето кои не консумираат месо, не пијат алкохол и не пушат цигари, пак не можат да бидат поздрави отколку луѓето кои јадат месо.
Ваквата студија била спроведена на медицинскиот факултет во Грац и било откриено дека вегетаријанската диета има ниско ниво на масти и холестерол и освен тоа во себе содржи поголемо ниво на внес на овошје и зеленчук. Со самото тоа, вегетаријанците се изложуваат на зголемен ризик од појава на рак, алергии и психички проблеми како што се депресија и анксиозност, пренесува “The Independent”.


Во истражувањето учествувале 1320 лица за кои биле познати годините, полот и социоекономскиот статус. Со тоа, студијата опфатила 330 вегетаријанци, 330 луѓе кои јадат месо и многу овошје и зеленчук, 300 луѓе кои понекогаш јадат месо и 330 лица кои јадат огромни количини на месо.
Откриено е дека вегетаријанците внесуваат помалку алкохол и имаат понизок индекс на телесна маса, но се во полоша психичка состојба, а сличен резултат доаѓа и од групата на луѓе кои ретко консумираат месни производи.
Резултатите покажале дека луѓето кои јадат помалку месо имаат послабо здравје, послаб квалитет на животот и почесто посетуваат доктор. Во заклучокот е исто така додадено тврдењето дека резултатите се точни и дека истите не се направени само за да ја промовираат месната индустрија.
“Сфативме дека вегетаријанците патат од психички проблеми, имаат поголем ризик од рак и алергии, но патат и од респираторни проблеми како што е астма. Но, не можеме со сигурност да потврдиме што ги предизвикува ваквите проблеми”, изјавила Натали Буркерт, координаторка на студијата, додавајќи дека за поточни сознанија ќе мора да се направат подолги и поголеми истражувања.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.