недела, 29 ноември 2026
Најново

Моника Зајкова реизбрана за претседателка на ЛДП, побара испитување на потеклото на имотот на сите функционери

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Делегатите на Деветото изборно собрание на Либерално демократската партија денеска ја реизбраа пратеничката Моника Зајкова за претседателка. За 35-годишната Зајкова ова ќе биде втор мандат на чело на ЛДП, откако првпат беше избрана во 2022 година, наследувајќи го Горан Милевски.

„Овој мандат не го сфатив како некое лично признание, туку како обврска за да го продолжиме уште поинтензивно она темпо кое што го наметнавме во изминатиот период“, рече Зајкова по изборот.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Таа додаде дека не е најважно партијата да биде најголема, туку да има мисија.

„Важно е дека имаме мисија, знаеме како, и имаме одлични решенија преточени во мојата програма и план за работа. Во истата може да ја видите и визијата за тоа како треба да бидат организирани комуникацијата и начинот на работење на општинските организации“, рече Зајкова.

На парламентарните избори во 2024 Зајкова влезе во парламентот како дел од коалицијата предводена од СДСМ, но подоцна соопшти дека ќе дејствува независно.

На деветтото собрание, кое се одржува под мотото „Напред либералдемократи“, присуствуваа над 400 делегати и претставници од политички партии, граѓански организации, дипломати и други гости, пренесе државната агенција МИА, повикувајќи се на соопштение испратено од ЛДП.

Зајкова, во своето обраќање, побара да се испита потеклото на имотот на сите избрани и именувани функционери од осамостојувањето до денес. Таа предложи да се утврди што поседувале пред да стапат на функција, што стекнале потоа и дали стекнатиот имот одговара на нивните законски приходи

„Родена сум во 1991 година, годината кога Македонија ја стекна својата независност. Токму од таа година барам да се испита потеклото на имотот на сите избрани и именувани функционери, по јасни законски правила и без селективност“, рече Зајкова додавајќи дека тоа треба да ги опфати и функционерите од ЛДП.

Таа посочи дека субвенционираниот студентски оброк е пример за иницијатива на ЛДП што станала законско решение. Најави дека следни чекори ќе бидат да се усогласи износот на субвенцијата со трошоците за живот и поддршката за младинското претприемништво

„Млад човек не треба да избира меѓу својата професија и својата држава“, рече пред присутните Зајкова.

Повеќемина европратеници од Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) преку видеообраќања и го честитаа реизборот на Зајкова и порачаа дека Северна Македонија и припаѓа на Европа, а патот кон нејзиното членство во Европската Унија мора да остане веродостоен и остварлив.

За придонесот во создавањето и развојот на партијата, ЛДП постхумно им додели плакети на Филип Аврамчев и Велимир Кузмановски. Плакети им беа врачени и на проф. д-р Владимир Петрушевски, Драган Малиновски, Доне Глигориу, Тома Глигориевски и на докторот Никола Пановски.

Поврзани вести