Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс го најави своето патување на Гренланд како исклучително грандиозно, очекувајќи да биде пречекан како голема ѕвезда. Но, на крајот, „грандиозното“ стана катастрофално.
Иднината на Гренланд стана светска вест кога американскиот претседател Доналд Трамп објави дека сака контрола над најголемиот остров во светот.
Затоа, на островот најпрво го испрати својот најстар син Доналд Трамп Џуниор во јануари, а два месеци подоцна Џеј-Ди Венс. Според извештаите на медиумите во САД, како и најавите од Белата куќа, Венс требало да посети неколку места на Гренланд, а на крајот да ја посети базата Питуфик.
Американските медиуми тогаш објавија дека Венс одлучил да го промени својот план и на крајот ја посетил само базата. Причината за тоа била што ниту еден човек од Гренланд не сакал да му биде домаќин.
Но, тука не е крајот на оваа дипломатска катастрофа за личноста која меѓу десницата во САД се смета за наследник на Трамп.
Бројни медиуми во Америка објавија дека тимот на Венс активно барал луѓе на Гренланд кои ќе дојдат на аеродромот и ќе ги поздрават Венс и неговата сопруга Уша, но тие не биле успешни.
Аеродромот беше празен, освен персоналот и луѓето од американската база, што беше јасен сигнал за Венс, но и за Трамп дека нивниот наратив и реторика не се добредојдени на најголемиот остров во светот. Истата ситуација беше и на враќање во САД, само два часа по пристигнувањето на Гренланд. Дури и ако посетата траела само два часа, Венс сепак успеа да одржи говор, а судејќи по неговата содржина, тоа беше целосно промашување.
Говорот пред американските војници во базата Питуфик беше сè само не добар дипломатски потег. Во него, Венс зборуваше за Данска како да е „смртен“ непријател на Америка, наместо за членка на НАТО и за земја која во минатото им давала воена поддршка на САД.
Некои од изјавите на Венс ги потсетија бројните аналитичари во САД на реториката на рускиот претседател Владимир Путин, кој често ги користеше овие аргументи за да ги оправда своите агресивни потези кон соседните земји на Русија.
„Нашата порака до Данска е многу едноставна: не сте направиле добра работа за народот на Гренланд, не сте инвестирале доволно во народот на Гренланд и не сте инвестирале доволно во безбедносната архитектура на оваа неверојатна, прекрасна земја, исполнета со неверојатни луѓе. Тоа мора да се промени.“
Американските аналитичари потсетија дека Путин често на овој начин ги оправдувал инвазиите, директно обвинувајќи ги соседните земји дека „не се грижат“ за своите жители.
Истиот ден беше формирана „влада на единство“.
Посетата на Венс на Гренланд ја искористија и лидерите на четири од петте најголеми партии на островот, кои токму тој ден потпишаа коалициски договор за „влада на единство“ среде отворените претензии на САД за оваа територија.
Така, партиите на Инуитите Атакатигиит, Сиумут, Атасут и Демократите ги оставија настрана своите политички разлики и потпишаа коалициски договор.
Нивната политика, според пораките на самите лидери, ќе се заснова на „бавен и мудар пат кон независност“, но и на целосно отфрлање на американските обиди да ја преземат контролата врз островот, кој формално сè уште е под контрола на Кралството Данска.
Тешко е да се очекува дека Трамп ќе се откаже од своите претензии кон Гренланд, но пораката што му ја испратија политичките лидери, но и граѓаните на овој остров, ќе мора сериозно да се сфати.