Верстапен го собори рекордот на Сена, прв ќе стартува во Имола




Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул, бранителот на титулата и лидер во тековната сезона од Светскиот шампионат во Формула 1, ќе ја започне неделната трка за Големата награда на Емилија Ромања во Имола од првата стартна позиција.

Во денешните квалификации, Холанѓанецот ги победи возачите на Мекларен, Австралиецот Оскар Пјастри и Британецот Ландо Норис.

Верстапен ја постигна седмата „пол-позиција“ на седмата станица од сезоната, а вкупно има осум последователни најбрзи стартни позиции, израмнувајќи го постигнувањето на трагично загинатиот Бразилец Аиртон Сена од сезоните 1988 и 1989 година.

Верстапен освои 39 најдобри стартни позиции во досегашната кариера.

Тимот на Ред Бул имаше проблеми во Имола, Верстапен не беше особено убедлив на тренинзите, а другиот возач Мексиканецот Серхио Перез не се ни пласираше во денешниот последен дел од квалификациите и трката ќе ја започне дури од 11-то место.

Во недела од вториот ред покрај Норис ќе стартува домашниот ас со болидот на Ферари, Шарл Леклер од Монако, а од третиот ред Шпанецот Карлос Саинц во второто Ферари и Британецот Џорџ Расел со Мерцедес.

Во генералниот пласман на сезоната по шест трки води Верстапен со 136 бодови, Перез има 101, Леклер 98, Саинц 85, Норис е петти со 83.

Трката во Имола стартува в недела во 15 часот.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: