Во 19 часот вечерва ќе се запалат светилките на новогодишната елка на плоштадот „Македонија“ и истовремено ќе се отвори новогодишната населба, наречена Винтерленд. Со тоа почнува празничниот амбиент во градот, во пресрет на новогодишните и божиќните празници.
– Осветлувањето на елката ќе го придружува настап на средношколскиот хор составен од 120 ученици од девет средни училишта на Град Скопје, и тоа од „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Васил Антевски Дрен“, „Владо Тасевски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Панче Караѓозов“, кои околу половина час ќе изведуваат Божиќни песни. Средношколците на плоштадот „Македонија“ ќе пристигнат придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар кој ќе изведе парадно концертирање од Старата железничка станица, па по улицата Македонија, се до плоштадот „Македонија“, стои во соопштението.
Почетокот на новогодишното празнување во Скопје ќе го означи градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов кој ќе присуствува на осветлувањето на новогодишната елка.
Просторот околу елката е уреден како новогодишна населба со украсени куќички во зимски амбиент и катчиња за игра и смеа. Во населбата со име „Винтерленд“ (Зимска земја) ќе има и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани, кои се очекува да го привлечат вниманието како на децата така и на повозрасните. За амбиентот да биде комплетно зимски ќе има топ за создавање вештачки снег. Во населбата ќе има катчиња за детски игри, а просторот околу елката ќе биде организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички.
Иако официјалната празнична програма ќе почне на 15 декември од Град Скопје ги повикуваат сите граѓани уште вечерва да дојдат на Плоштадот за да ја почувствуваат новогодишната магија.
.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.