Вештаци сведочеа за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово

Судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, продолжи денеска во Основниот суд Тетово со повеќе од петчасовна главна расправа. Обвинети во процесот се Флорин Бесими, Артан Етеми и ЈЗУ Клиничка болница, под обвинение за „тешки дела против општата сигурност“.

Во текот на расправата, пред Судот сведочеа вештаци кои во истрагата изработиле стручни анализи. Судскиот вештак за електротехника, Ирфан Шаќири, изјави дека по наредба на Јавното обвинителство спровел анализа за можните причини за пожарот и останува на фактите изнесени во својот извештај.

При испитувањето од страна на Обвинителството, Шаќири посочи дека електричната инсталација од трафостаницата до модуларната болница ја изведувале две неквалификувани лица, вработени во Клиничката болница.

Во разговор со нив за изборот на проводници, не добив документација. Тие тврдеа дека пресметките ги направиле врз основа на совети од поискусни електричари, изјави Шаќири.

На прашање од одбраната дали инсталацијата е поставена спротивно на стандардите, вештакот одговори потврдно.

Рубин Бошковски од Министерството за внатрешни работи, кој спровел форензичко испитување, истакна дека утврдиле механичко оштетување на продолжниот кабел поврзан со дефибрилатор, што довело до прегревање и појава на пламен.

Високата температура предизвикала согорување на изолацијата на кабелот, што резултирало со пожар, посочи Бошковски.

На прашање дали во објектот имало противпожарни апарати, тој одговори дека не се евидентирани.

Професорката Анита Грозданова од Технолошко-металуршкиот факултет сведочеше дека материјалите од кои е изработена модуларната болница се во согласност со спецификацијата на Министерството за здравство. Сличен исказ даде и професорот Свето Цветковски, кој потврди дека металните материјали се во согласност со стандардите.

Универзитетските професори Влатко Стоилков и Владимир Димчев од Факултетот за електротехника и информациски технологии доставиле писмен извештај за тоа дали модуларните болници се изградени според проектните барања.

Според препораките на Светска банка, во Македонија биле изградени четири типски модуларни болници, а во Тетово била поставена болница од типот ЦЕ. Во секоја просторија имало една приклучница за електрична енергија и една за кислород по болнички кревет, изјави Стоилков.

По сослушувањето на вештаците, одбраната побара сведочење на експерти од Германија, кои изготвиле извештај за пожарот, но судијата Реџеп Муса го одби предлогот, повикувајќи се на насоки од Апелацискиот суд.

Постојат доволно докази за утврдување на околностите, изјави судијата.

Поради истекување на работното време, главната расправа беше прекината и продолжува на 8 април во 9:30 часот, кога ќе се читаат писмените докази на одбраната. Закажани се уште две рочишта на 22 и 28 април во истиот термин.

Извор: ТВ21

Пронајдете не на следниве мрежи: