„Ве молам не одете во кафани и кафулиња, не е лесно да се работи на 30 степени во вселенска облека“

Грција утре во 6 часот наутро по локално време целосно ги затвора границите за српските државјани, а според српските медиуми, веста ја потврдил и министерот за туризам Расим Љајиќ.
Министерот нагласил дека после тоа време никој нема да смее во Грција, но туристите кои ќе бидат таму затекнати ќе можат да останат до крајот на аранжманот.
За оваа одлука на Грција, тој смета дека причината е во големиот број новозаразени лица со коронавирус.
Директорот на болницата во Земун, Драгош Стојановиќ, изјави дека установата примила 175 пациенти за еден ден откако се вратила во ковид-системот, што досега не се случило, и апелираше до граѓаните да избегнуваат масовни собири.


Драгош Стојановиќ за РТС изјави дека се отворени шест контролни пунктови за прегледи и дека во таа установа биле извршени 140 прегледи само во попладневните часови вчера, а 195 до утрово.
„Ние не сме инфектолози, па тоа е голем напор, а голем е и бројот на пациенти и сите се обидуваме да им излеземе во пресрет“, рече Стојановиќ.


Тој вели дека, во принцип, тоа се помлади пациенти со полесна клиничка слика, но дека таа се компликува и одделот за интензивната нега е исполнет со 20 пациенти.
Стојановиќ рече дека е загрижен поради утринското видео, кое се појави на социјалните мрежи на кое се прикажуваат масовни забави на сплавовите.


„Апелирам и молам, воздржете се од социјални активности, оставете ги рестораните, сплавовите, кафулиња. Има голем товар на здравствениот систем, не е лесно да се работи на 30 степени во вселенска облека“, рече Драгош Стојановиќ.
Тој посочи дека здравствениот систем на Србија е еден од најхуманите во светот, но дека има голем број пациенти и дека, како што рече, никогаш не прифатиле 175 пациенти во болницата за еден ден.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.