(Видео) Битиќи до Кочоска: Компаниите ги оставивте на цедило, зошто доцни повратот на ДДВ?

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, а се однесува на доцнењето на повратот на ДДВ кон компаниите и кога планираат да ги исплатат овие средства.

„Почитувана министерке Димитриеска-Кочоска, додека Владата се фали со унгарскиот кредит како решение за поддршка на стопанството, вистинската слика покажува дека односот на власта кон приватниот сектор е сериозно нарушен. Ликвидноста на компаниите е доведена во прашање, а економијата трпи директни последици. Освен задолжувањето од Унгарија, доказ за ова е и доцнењето на повратот на ДДВ, кој во моментов изнесува околу 1,9 милијарди денари или приближно 31 милиони евра, кон средината на октомври долгот по основ на ДДВ кој го имавте изнесуваше околу 300 милиони денари, односно за два месеци имаме шестократно зголемување. Приватниот сектор, кој е клучен двигател на македонската економија, оставен е без поддршка и се соочува со сериозни финансиски притисоци. Затоа моето второ прашање повторно е за вас, односно зошто доцни повратот на ДДВ кон компаниите.

Повратот на ДДВ не е луксуз – тоа е основен механизам кој на компаниите им овозможува да функционираат непречено, да инвестираат и да ги исполнуваат своите финансиски обврски, вклучително и редовно да исплаќаат плати на своите вработени. Неговото доцнење ги става компаниите во ситуација да се справуваат со дополнителни финансиски трошоци, како камати за задоцнети плаќања, и сериозно ги ограничува нивните инвестициски капацитети. Владата ја враќа економијата назад во времето на селективно исплаќање на ДДВ, практика што беше карактеристична за периодот до 2016 година.

Приватниот сектор, кој е клучен двигател на македонската економија, сега е оставен на милост и немилост. Наместо да се градат системски и конзистентни услови за стопанството, се создава финансиски хаос кој ја разјадува долгорочната одржливост и довербата на бизнисите во државата.

Доцнењето на повратот на ДДВ е само врвот на ледениот брег од нарушувањето на ликвидноста на компаниите поради неподмирени обврски на државата. Ако погледнеме и кон доспеаните, но неплатени обврски на јавните претпријатија и институции, кои се очекува за неколку дена, до крајот на годинава, да достигнат астрономски една милијарда евра, тогаш станува јасно дека државата ја префрла својата неодговорност врз грбот на стопанството. Владата ги гуши компаниите кои работат со јавните институции и претпријатија, ги принудува на задолжување и ги става во позиција да ги жртвуваат инвестициите, развојот, па дури и работните места.

Овде се отвора прашањето за владините приоритети. Како може Владата да ја повлече целокупна сума од унгарскиот кредит веднаш, за која граѓаните почнаа да плаќаат камати, а истовремено да не ги обезбеди основните обврски како повратот на ДДВ?

Ве молам одговорете, зошто доцни повратот на ДДВ кон компаниите, кога планирате да ги исплатите овие средства, и како ќе ги спречите дополнителните штети за домашното стопанство кои ги предизвикува Владата?“ рече Битиќи.

Пронајдете не на следниве мрежи: