Блинкен и Кулеба биле во пицеријата „Ветерано“, место во воен стил, а за време на ручекот кој траел околу 40 минути тие поделиле „украинска“ пица со месо и вегетаријанска
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба денеска во Киев ручаа во пицерија на ветерани од војната со Русија.
Блинкен и Кулеба биле во пицеријата „Ветерано“, место во воен стил, а за време на ручекот кој траел околу 40 минути тие поделиле „украинска“ пица со месо и вегетаријанска.
„Морам да кажам дека пицата овде е одлична, силно, топло ја препорачувам. ‘Украинската’ пица како што ја нарековте беше одлична, не можеше да биде подобра. Следниот пат ќе треба да откриеме каква кујна да пробаме, но не можев да бидам позадоволен што ме однесе мојот пријател на оваа кулинарска турнеја низ Киев што очекувам да продолжи во месеците и годините што следат“,
рече Блинкен по ручекот.
Blinĸen and Kuleba try “Ukrainian” pizza at a restaurant founded by a war veteran
We will remind you that today the US Secretary of State arrived in Kyiv on an official visit. pic.twitter.com/jN1NN6dQT3
— NEXTA (@nexta_tv) May 14, 2024
За време на претходната посета на Киев во септември минатата година, Блинкен беше со Кулеба во „Мекдоналдс“ за да го поздрави враќањето на тој бренд во Украина по неговото затворање на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Кулеба денеска му кажа на Блинкен дека по таа посета „некои на социјалните мрежи го критикувале затоа што го однел во Мекдоналдс, а не во украински ресторан“.
„Така што ја исправаме ситуацијата и го надополнуваме ‘Мекдоналдс’ со пицерија која ја основаа украински ветерани и стана легендарно место“,
додаде шефот на украинската дипломатија.
По ручекот, Блинкен прошетал до кафуле каде што се сретнал со претставници на украинското граѓанско општество.
За време на неговата прошетка придружуван од новинари, Блинкен накратко застанал на централниот плоштад Мајдан пред импровизираниот споменик на украинските војници убиени за време на руската инвазија – илјадници мали сино-жолти знамиња на Украина поставени во тревник.
Блинкен денеска пристигна во Киев со воз, во прва посета на висок американски функционер на Украина откако Конгресот го одобри долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за земјата минатиот месец.
Посетата има за цел да ја покаже солидарноста на САД со Украина додека таа се бори со тешките руски бомбардирања на нејзината североисточна граница.
На социјалната мрежа Икс, Блинкен напиша дека повторно дошол во посета на земјата, за да покаже непоколеблива поддршка за Украина додека таа се брани од руската агресија.
Блинкен денеска се сретна со Зеленски во претседателскиот штаб на Банкова во Киев. На средбата Блинкен порачал оти слободна и просперитетна Украина е најсилен одговор за рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Би-би-си.
За време на заедничкиот состанок Блинкен му соопштил на Зеленски дека американската воена помош е на пат кон Украина, односно дека некои од пакетите веќе пристигнале, а поголемиот дел од нив се очекува наскоро да бидат во земјата.
Ова е четврта посета на Блинкен на Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.