Околу месец и половина прибиравме податоци од сите 80 општини низ земјава поединечно во врска со екипираноста на нивниот градежен инспекторат. Дури 30 општини ни одговорија дека немаат ниту еден инспектор, а уште 33 дека имаат само еден
Без овластен градежен инспектор, општината не може да извршува една од основните дејности, да ги регистрира, спречува и потенцијално да ги руши бесправните градби на своја територија. Најголем дел од локалните власти тврдат дека не се без инспектор со намера. Објавувале огласи, но никој не им се јавува
Градење без довола. Градење без дозвола и на државна земја. Противзаконски легализации за бесправно изградени објекти и на приватно и на државно земјиште.
Во изминативе години објавивме десетици приказни за дивоградби низ целата држава. Сите ги видоа и уште ги гледаат. Ретко каде падна дивоградба.
Секоја дивоградба е приказна за себе, но во нашите истражувања почна да се повторува еден ист проблем во различни општини.
„Само што станав градоначалник во пензија замина градежниот инспектор. Немавме можност да најдеме градежен инспектор“,
рече Дарко Костовски – градоначалник на Општина Бутел (10 март 2024 г.).
„Инспекторката од само нејзина лични причини поднесува отказ од работно место… Јас останувам без градежен инспектор“,
рече Бобан Стефковски – градоначалник на Општина Гази Баба (5 ноември 2023 г.).
Дали општините имаат градежни инспектори е важно прашање, бидејќи ако нема, локалната власт не може да спречи изградба на бесправен објект. Колку такви општини има во земјава?
Повеќе од 30 општини во Македонија немаат градежен инспектор
Што направивме ние за да дознаеме? Испративме исти прашања до сите 80 општини во државава – дали имаат градежен инспектор? Ако имаат, колкумина се? Ако немаат, како се снаоѓаат? И, уште неколку други. По месец и половина допишувања и телефонски ургенции, дојдовме до фрапантен заклучок.
Дури 30 општини во земјава воопшто немаат градежен инспектор. Само еден инспектор, пак, имаат 33 општини. По двајца градежни инспектори имаат девет општини, а само една локална власт има повеќе од двајца. Не ни одговорија седум општини.
Меѓу општините без ниту еден инспектор е Илинден. Има 17 435 жители со 5 481 домаќинство. Видливо е дека во оваа општина интензивно се гради, па логично е прашањето како функционира локалната власт без градежен инспектор.
„Во рамки на Општината Илинден има одделение за инспекторат, имаме комунален инспектор, инспектор за животна средина. Ако ме прашувате конкретно во делот за грaдење, ние можеме да го пратиме на терен да направи увид, но не може ништо да констатира, не може да изврши казна, не може да ја спречи градбата, но можеме да ја пријавиме и ние тоа го правиме до Државниот градежен инспекторат“,
вели Тихомир Игњатовски – секретар на Општина Илинден.
Игњатовски вели дека најчесто таквите случаи немаат разврска. Па, се наметнува логичното прашање – зошто не вработат градежен инспектор? Секретарот на Општината ни одговори дека постојано отвораат огласи, но никој не им се пријавува.
„Јас мислам дека дефицитарен кадар е. Има потреба приватниот сектор од ваков кадар. Сметам дека платите и надоместокот што ги добиваат како државни службеници во однос на оној што го добиваат во приватниот сектор сè уште многу се разликуваат за некој да рече дека ќе се насочи кон државно“,
додава Игњатовски.
Чаир е пример – што може да се случи без градежен инспектор
Една од нашите последни позначајни стории за тоа – што може да се случи кога општината нема свој градежен инспектор е Чаир. Таму, локалната власт легализирала десетици големи станбени згради изградени во последниве години, иако легализацијата е дозволена само за градби завршени до 3 март 2011 година. Од локалната власт објаснуваа дека, согласно законите, тие постапувале по изјавите на инвеститорите дадени на нотар – дека објектите се изградени пред 3 март 2011 година. Односно дека локалните власти немале механизам како да проверат на терен – кога навистина се изградени бесправните градби.
Теоретски, ако општината имала градежни инспектори, тие би можеле да ги евидентираат новите дивоградбите навреме, па би било многу тешко или невозможно да се оправда легализација на нова дивоградба, како да е изградена одамна.
Во над 25 отсто од општините дивоградбите се безбедни
Токму поради ваквите примери, до општините што немаат свои инспектори поставивме и прашање – дали тогаш позајмуваат. А тие што имаат еден или повеќе инспектори ги прашавме – дали отстапуваат. И овде, резултатот шокира.
Како што рековме, од вкупно 80 општини во земјава, 30 немаат градежен инспектор. Од нив, само 9 успеале да позајмат. Тоа значи дека во 21 општина во земјава, или околу 25% од локалните самоуправи, дивоградбите се безбедни.
Иако еден од заклучоците што се наметуваат е дека некој намерно сака хаос во градењето, не треба да се брза со заклучоците. Некаде, како во Арачиново, повлекле и, благо кажано, очајни потези.
„Општина Арачиново не располага со адекватен градежен инспектор. Бидејќи недостига овој кадар во нашата општина, бевме принудени да овластиме неадекватен градежен инспектор, се со цел да функционира овој оддел за доброто на општеството во нашата општина“,
велат од Општина Арачиново.
И од Арачиново, каде сега имаат неадекватен инспектор, и од многу други општини каде немаат ниту таков, тврдат дека никој не им отстапува кадар иако барале. Бројките покажуваат дека најверојатно е така.
Како што рековме, од вкупно 80 општини во земјава, 33 имаат еден градежен инспектор, 9 имаат двајца и една општина има четворица. Или 43 општини имаат барем еден инспектор. Од нив, само девет отстапиле инспектор на друга општина.
Куманово е единствена општина во Македонија што има повеќе од два инспектора
А таа, единствена општина во Македонија што има дури четири градежни инспектори е Куманово. Има 98 104 жители и е најбројна во земјава. Има вкупно 30 450 домаќинства.
Лидија Трајковска е еден од овластените градежни инспектори. Сега поставена за раководител на Секторот за инспекциски надзор.
„Градежен инспектор да се биде можеби е и задоволство, кога имате повеќе градежно искуство. Меѓутоа, нашите закони некогаш се недоречени, па ни прават некаков застој во работата. Би сакала како инспектор или како раководител да немаме проблеми и да ги решаваме целосно. Некогаш не можеме остварувањето да го направиме до крај. Меѓутоа, се трудиме, во рамки на нашите надлежности, да постапиме колку можеме – прво да го заштитиме јавниот инетерес и приватниот, нормално, и интересите и на странките и на државата да бидат задоволени“,
вели Лидија Трајковска – овластен раководител на Сектор за инспекциски надзор во Општина Куманово.
Причината поради која имаат најмногу инспектори, таа ја гледа во фактот што општината е најбројна во земјата. Но, можеби има друго.
„Оваа работа е доста тешка бидејќи постојат ризици, закани и притисоци. Затоа, не верувам дека во нашата држава нема инспектори или доволно архитекти, меѓутоа не сакаат. Самото тоа што не сакаат да работат значи дека работата е со голем ризик и не се задоволни. Затоа остануваат така непокриени. Веројатно Општина Куманово сме и храбри и имаме четири инспектори“,
додава Трајковска.
Со меѓуопштинска соработка, Општина Куманово ѝ позајмува градежен инспектор на Општина Старо Нагоричане. Претходно ѝ позајмувала на Општина Ранковце. Но, ниту може, ниту треба, да покрива уште поголеми подрачја.
Кои се можните решенија?
Кога веќе има недостиг од ваков кадар, има ли други решенија? Тој кадар може делумно да се замени со употреба на современа технологија, велат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
„Предлагавме досега, на пример, да се користат дронови за снимање на одредени подрачја за да се увидат дивиоградби или дел, не целосна дивоградба, делумна – дигнал кат, дигнал поткровје плус итн.“,
вели Јане Димески – советник во Општина Центар.
Покрај дроновите, велат дека може да се користат и сателитски мапирања.
„Тие се добра алатка со која можете да снимате постојано одредено подрачје, па штом се јави аномалија, да приметите дека тука има проблем. Да не си го троши инспекторот времето да кружи по подрачја, туку дирекно да оди да види што е тоа конкретното“,
вели Димевски.
Од „Шанса за Центар“, кои имаат тројца советници во советот на најатрактивната општина за градење во земјава, Центар, критикуваат дека промени се потребни и на други места. На пример, да се отвори системот за издавање на градежни дозволи, наместо до нив да имаат пристап само инвеститорите и општинските службеници.
„Зошто се затворени, па затоа што, кога не знаете, во матното, нели, подобро се лови. И една од причините зошто овие системи се затворени е од коруптивен аспект. Кога би биле отворени би било многу потешко, односно би било повидливо кога ќе се појави аномалија кај некој објект или во некое подрачје или ќе се јави зграда, а се гледа дека таму не треба да има зграда или било каков објект, да се реагира, па да се направи јавен притисок итн.“,
додава тој.
Друг предлог имаат од НВО „Инфоцентар“. Работејќи на темата во рамки на проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните“ заклучиле дека е потребно да се работи на функционалноста и транспарентноста на инспекциските служби. Нивното истражување покажало дека инспекторатите се соочуваат со многу проблеми како недоволна независност, екипираност и опременост.
„Голем дел од луѓето претпоставувам дека сметаат дека нема да бидат доволно платени за ризиците и проблемите што ги носи локалната инспекциска служба особено во градежништвото. Ние сите знаеме и сите велиме, а и сите показатели покажуваат дека во Македонија се соочуваме, меѓу другото, и со т.н. градежна мафија, корупција во делот на градежништвото и од тие причини луѓето кога размислуваат дали воопшто би се нафатиле мислам дека здраворазумски е од една страна да не се нафатат затоа што голем дел од инспекторите се жалеа дека сè уште не се ни осигурани на работното место“,
вели Билјана Бејкова – НВО „Инфоцентар“.
Бејкова смета дека е потребен посоодветен модел на инспекциски надзор.
„Има голем дел приврзаници што сметаат дека треба да биде на регионално ниво. Сметаат дека тогаш недостатоците ќе можат да се надминат и кај големите, но и кај помалите општини. Дел од нив се залагаат дури и за повторно централизирање на инспекциските служби. Мислам дека неопходна е промената на законската регулатива затоа што луѓето на терен се соочуваат со определени слабости што ги носи постојната законска регулатива“,
додава Бејкова.
Овие совети се само последни во низата. Низ годините имаше многу други – како да се реши комплексот проблеми чиј резултат се стотици илјади дивоградби низ земјава.
Владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ во минатата деценија се обидоа да го решат со легализација на незаконски изграденото. Законот се донесе, проблемот не се реши. Доскорешната влада предводена од СДСМ немаше подобра идеја па и тие се обидоа со нова легализација. Но, се откажаа откако тогашниот претседател Стево Пендаровски не го потпиша законот донесен во Собранието.
Кој совет ќе го следи новата влада? Да почне да се става ред или и натаму да никнуваат дивоградби како печурки по дожд?