Српскиот претседател Александар Вучиќ во емисијата „Око“ на РТС зборувал за политичката ситуација во Србија и во светот, како и за четиримесечните протести и блокади.
Водителот го прашал Вучиќ за звучниот топ кој наводно бил употребен на протестот во Белград.
„Немаше употреба на звучен топ. Прво рекоа дека е користен LRAD или како и да се вика – не бил користен. Се јавивме во ФСБ, руската служба, се јавивме во американската служба да провери сè. Им реков на Европејците – пратете кој сакате, кога сакате, да провери. Европскиот суд за човекови права бара одговор од српските институции до 31 март. Немаме проблем – на сите ќе одговориме бидејќи ништо не криеме. Реков и повторувам: ако имало употреба на звучен топ – повеќе не сум претседател на Републиката. И знаат дека немаше. Тие многу добро знаат“, изјавил Вучиќ.
Тој додал дека е лага дека Србија го поседува уредот Вортекс.
„Кога не се јавуваме на никого да потврди, велат „не ти веруваме, Вучиќ.“ Кога се јавуваме во руските и американските служби, велите дека го нарушуваме интегритетот. Не, ние ги повикуваме најдобрите експерти во светот, им даваме овластување – тие не доаѓаат на нивно барање, туку на наша покана – за да ја кажат вистината. Да се каже дали имало употреба на звучен топ или не. И така ќе падне уште една голема лага како и сите други лаги што се промовираат овде три-четири години по ред“, рекол српскиот претседател, видно изнервиран од прашањето на водителот.
„Не ме прашавте за впечатокот од 15-ти или 16-ти март, туку само рековте: „Злобен еден, употреби звучен топ, убиецу, пукаше во нашиот народ“. Мојот одговор е: лажете! Не употребивме звучен топ, а вие цело време лажете“, кажал Вучиќ и ги прозвал „N1“, „Nova.rs“ и „RTS“.
Šizofrena cepanja uživo na RTS pic.twitter.com/KtZzIWProe
— Суки (@doktorzakrave) March 27, 2025