(ВИДЕО) Едно лице загина, повеќемина се повредени во пукање во Канзас Сити на прославата за освојувачите на Суперболот


Пукотницата се случила во близина на железничката станица Унион, каде што само неколку моменти претходно играчите на американскиот фудбалски тим Канзас Сити Чифс им се обратиле на навивачите. Точниот број на повредени засега не е познат иако претставник на противпожарната бригада изјави дека во пукотницата се повредени меѓу 10 и 15 лица

Едно лице загина, а повеќемина други се ранети во пукање во Канзас Сити, Мисури во близина на местото на шампионската парада во чест на фудбалерите на Канзас Сити Чифс кои го освоија Суперболот.

Од прославата на победата на Супербол на фудбалскиот тим Канзас Сити Чифс / Фото: EPA-EFE/DAVE KAUP

Точниот број на повредени засега не е познат иако претставник на противпожарната бригада на Канзас Сити изјави дека во пукотницата се повредени меѓу 10 и 15 лица. Тројца од нив се во критична состојба, а петмина други се тешко повредени. Не е јасно дали сите повредени се здобиле со прострелни рани или имаат друг вид повреди.

Двајца осомничени за вооружениот напад се уапсени, а мотивите за пукањето засега не се познати.

Пукотницата се случила во близина на железничката станица Унион, каде што само неколку моменти претходно играчите на американскиот фудбалски тим Канзас Сити Чифс им се обратиле на навивачите.

Проценките се дека на прославата биле околу еден милион луѓе, а меѓу нив и гувернерите на Канзас и Мисури кои биле безбедно евакуирани од местото по инцидентот.

Белата куќа соопшти дека за пукањето е информиран и претседателот Џо Бајден.

Си-ен-ен објави дека денешното пукање во Канзас Сити е 48. масовно пукање во Соединетите Американски Држави од почетокот на 2024 година.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: